Бројот на осигурани возила достигна 700.000, секое трето возило има зелена карта
Сопствениците на возила во 2023 година вложиле 87 милиони евра во oсигурување од автомобилска одговорност. Во вкупните вложувања зелената карта учествува со 21 милиони евра. Сите цени за задолжителното автомобилско осигурување и за зелена карта ги регулира државата. АСО, Министерството за финансии и осигурителната индустрија работат на подготовките на процесот за либерализација на цените што е и еден од условите во пристапните преговори за членство во ЕУ
Граѓани, компании и институции осигурале повеќе од 697.700 возила (патнички и товарни возила, автобуси, моторцикли, трактори, приколки и специјални возила) во 2023 година. Вкупниот број на возила за кои сопствениците купиле полиси за задолжително осигурување од автомобилска одговорност во 2023 година е зголемен за 5 отсто во споредба со 2022 година, покажуваат прелиминарните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги достави Националното биро за осигурување (НБО).
Секое трето осигурано возило имало и зелен картон за патување во странство, покажуваат податоците. Во текот на 2023 година сите 11 осигурителни компании издале 260.815 зелени карти – осигурување неопходно за возење во странство. Бројот на издадени зелени карти лани е зголемен за речиси 20.000 односно 8 отсто повеќе од 2022 година. Осигурениците во зелени карти во 2023 година вложиле 1,3 милијарди денари (21,16 мил.евра).
Зелената карта е осигурување кое служи за обештетување на трети лица доколку се случи сообраќајна незгода или несреќа во странство. Специфика на зелената карта е тоа што во некои земји нема утврдена масимална сума за човечки жртви во сообраќајна несреќа. Во таков случај осигурителната компанија што ја издала зелената карта ќе исплати износ без ограничување.
Податоците добиени од НБО покажуваат дека граѓаните, компаниите и институциите лани купиле вкупно 958.528 полиси за осигурување возила во земјава и во странство. Во осигурување од автомобилска одговорност (за возење во земјава и во странство) во 2023 година се вложени 5,33 милијарди денари (86,75 мил.евра).
Бројот на издадени полиси за автомобилско осигурување за во земјава и во странство лани во однос на 2022 година е зголемен за 6 отсто, а нивната вкупна вредност е поголема за 6,5 отсто, покажуваат податоците на НБО.
НБО има законски овластувања да ги врши работите предвидени со меѓународните спогодби за осигурување на сопствениците и корисниците на моторни возила од одговорност во сообраќајот. НБО ги претставува сите македонски компании за неживотно осигурување во меѓународните организации и институции за осигурување.
Во Македонија законски задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и зелената карта имаат регулирани цени кои ги утврдува и контролира Владата преку надлежна стручна интересорна комисија.
Во 2023 одина во продажбата на задолжително автомобилско осигурување и зелена карта „Македонија осигурување“ учествувала со 4,8 отсто, „Кроација осигурување – неживот“ со 9,9 отсто, „Уника“ со 14,6 отсто, „Триглав осигурување“ со 8,8 отсто, а „Сава осигурување“ со 9 отсто. Од вкупната продажба на ова задолжително осигурување на „Винер ВИГ“ отпаѓа 13,4 отсто, на „Еуролинк“ 8,4 отсто, „Граве“ 8,8 отсто, „Халк Осигурување“ учествува со 6,4 отсто и „Осигурителна полиса“ со 9,5 отсто.
Осигурителната индустрија се обединува и мобилизира за подигање на нивото на финансиска писменост
На иницијатива на регулаторот на осигурителниот пазар АСО сите осигурителни компании и повеќе од половина од сите осигурително-брокерските друштва се обединија создавајќи платформа за финансиска писменост во осигурувањето. Целта е со заеднички координирани активности граѓаните да добијат комплетна, јасна и споредлива информација за условите и за цените на осигурување, како и за правата и обврските кои произлегуваат од договорите за осигурување
Сите 17 осигурителни компании, Националното биро за осигурување и уште 25 осигурително-брокерски друштва на иницијатива на Агенијата за супервизија на осигурување (АСО) ги здружуваат силите и ги координираат активностите за зголемување на нивото на финансиска писменост во осигурувањето. За таа цел овие 42 компании од осигурителната индустрија и регулаторот на пазарот АСО склучија меморандум за соработка со кој таргетираат заеднички и координирани активности во оваа област.
Сите членки на платформата за финансиска писменост во осигурувањето декларираа дека со потпишувањето на меморандумот активно ќе поттикнуваат, развиваат и реализираат активности со кои преку финансиската едукација ќе ја унапредуваат заштита на правата на осигурениците. Сите мерки и активности, предвидени во меморандумот, се насочени кон натамошен развој на пазарот на осигурување и ќе придонесат кон зголемување на нивото на финансиска инклузија на населението.
Секоја од овие 43 компании (осигурителни друштва и осигурително-брокерски фирми) ќе донесе план на активности за зголемување на финансиската писменост на населението во делот на осигурувањето. Потоа врз основа на тие планови сите компании ќе утврдат заеднички активности со кои преку координирана промоција на финансиската едукација ќе ја подигаат јавната свест за значењето на осигурувањето.
Една од најзначајните цели кои треба да ги постигне оваа соработка е да се овозможи на што поголем број граѓани да добијат комплетна, јасна и споредлива информација за условите за осигурување и за цените на полисите. Паралелно со тоа да се унапреди информираноста за нивните права кои произлегуваат од договорите за осигурување.
Меѓу другото оваа соработка меѓу компаниите и АСО има за цел да го афирмира и поддржи пристапот на медијација односно можноста за вонсудско решање на споровите.
Компаниите декларираа дека даваат поддршка за стимулирање на финансиските иновации за развој на пазарот на осигурување, а активно ќе учествуваат и во создавање платформа за споредување на осигурителни производи.
Оваа активност е дел од континуираните напори на АСО во рамки на националната стратегија за финасиска едукација и финансиска инклузија која е дел од заложбите на сите финансиски регулатори за унапредување на состојбите во финансискиот сектор во земјава.
Осигуренци за еден месец наплатија 9 милиони евра од штети покриени со осигурување
Најголемата штета во ноември вредна 900.000 евра е исплатена за осигуран имот. Дури 54% од бројот на исплатени штети се за надомест на медицински трошоци покриени со приватни здравствено осигурување. Во ноември компаниите за неживотни осигурувања исплатиле 2,8 милиони евра повеќе за штети покриени со осигурување во споредба со вредноста на исплатите во октомври годинава
Граѓани, компании и институции наплатија 550 милиони денари (9 мил.евра) за штети покриени со неживотно осигурување во ноември годинава. Во споредба со октомври вредноста на исплатените штети покриени со неживотни осигурувања е зголемена за 45 отсто, покажува споредбата на прелиминарните податоци што до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат сите компании за осигурување.
Во однос на истиот месец минатата година вредноста на исплатените штети е зголемена за 10 отсто, а повеќе детали се достапни на следниот линк https://aso.mk/mesechni-podatoczi-za-osiguruvanje-noemvri-2023-godina/
Од сите доброволни осигурувања најголемо учество во исплатите за ноември имаат штети на осигурен имот. Осигурителните компании исплатиле 132,3 милиони денари (2,15 мил.евра), а исплатени се вкупно 710 штети. Најголемата меѓу нив е со вредност од 56 милиони денари (900.000 евра) која една осигурителна компанија ја исплатила како обештетување за настанат пожар во објект на компанија.
За возила со каско осигурување осигурителните компании во ноември исплатиле 790 штети во вкупна вредност од 72,3 милиони денари (1,17 мил.евра). Тоа е за 28 отсто повеќе исплатени средства за штети во таа класа осигурување во споредба со истиот месец лани.
Најголем број штети осигурителните друштва исплатиле по основ за приватно здравствено осигурување. Во ноември биле исплатени 6.773 оштетни побарувања за здравствено осигурување што е 54 отсто од сите исплатени штети во тој месец. За покривање на мецински трошоци во ноември се исплатени 66,6 милиони денари (1,08 мил.евра) и тоа е за 29 отсто поголем износ на исплати од истиот месец претходната година.
Кај најголемата класа – осигурување од автомобилска одговорност, која е задолжителна со закон, во ноември се исплатени 225,8 милиони денари (3,67 мил.евра). Во овој месец сите 11 компании за осигурување штети сервисирале и ликвидирале 2.845 пријави за обештетување покриени со осигурување.
Во структурата на вкупно исплатени штети во ноември „Кроација осигурување – неживот“ учествува со 16,8 отсто, „Еуролинк“ со 9 отсто, „Евроинс осигурување“ со 6,6 отсто, „Граве неживот“ со 5,7 отсто, а „Македонија осигурување ВИГ“ со 11 отсто. Учеството на „Сава осигурување во вкупната исплата за ноември е 10 отсто, на „Триглав осигурување“ е 8,9 отсто, а на „Уника“ е 9,7 отсто. „Винер – ВИГ“ учествува со 11,4 отсто, „Осигурителна полиса“ со 4,9 отсто и „Халк осигурување“ со 6%.
Од почеток на јануари до крај на ноември годинава сите 11 компании за неживотни осигурувања на осигуреници им исплатиле 3,9 милијарди денари (63,5 мил. евра).
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Одржана петта работна средба на регулаторите, приватниот и граѓанскиот сектор за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија
На 13 декември беше одржана петтата работна средба на Работната група за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, во организација на Координациското тело на финансиските регулатори за финансиска едукација и финансиска инклузија. На средбата покрај претставниците на регулаторните органи беа поканети и субјекти од приватниот и граѓанскиот сектор.
Целта на средбата е да се овозможи редовен дијалог помеѓу финансиските регулатори, субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор вклучени во активностите за финансиска едукација, како и размена на предлози и искуства за зајакнување на финансиската инклузија и заштитата на потрошувачите во финансискиот систем, заради успешно спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија.
На средбата присуствуваше и претставничка на Министерството за финансии на САД, г-ѓа Даниел Хопкинс, советничка за финансиска инклузија, којашто го пренесе искуството од спроведените активности во доменот на финансиската едукација, инклузија и заштита на потрошувачите во САД. Искуствата пренесени во рамките на техничката помош за Министерството на финансии даваат основа за согледување нови можности за унапредување на финансиската писменост на населението во нашата земја.
На средбата, членовите на Работнатата група беа запознаени со започнатата втора фаза на Регионалниот проект за финансиска писменост поддржан од Меѓународната мрежа за финансиска едукација ИНФЕ – ОЕЦД и Министерството за финансии на Холандија, којашто ќе се одвива во периодот од 2023 до 2027 година. Главни цели на втората фаза се да го поддржат спроведувањето на националните стратегии, размената на искуства меѓу десетте вклучени земји од регионот и натамошните истражувачки активности во оваа сфера.
На членовите на Работнатата група им беше предочен и Планот на заедничките активности на Координациското тело за 2024 година којшто покрај редовните настани и активности, вклучува активности околу спроведувањето на Стратегијата во доменот на финансиската едукација, финансиската инклузија и заштитата на потрошувачите. Притоа, беше нагласено дека за 2024 година е планирана засилена соработка со Бирото за развој на образованието во однос на образовните програми коишто вклучуваат финансиска едукација во рамките на образовниот систем.
Покрај тоа, беше упатен повик до приватниот и граѓанскиот сектор за активно вклучување во активностите за финансиска едукација и инклузија, со што би се обезбедил поширок опфат на населението.
Работната група за следење на спроведувањето на Стратегијата, составена од претставници на регулаторните институции, здруженијата на приватниот сектор и граѓанскиот сектор, годишно одржува две средби, и тоа околу средината и кон крајот на годината.
Одржана седница на Комитетот за финансиска стабилност: Финансискиот сектор е отпорен на шокови
Домашниот финансиски сектор добро се справи со глобалните предизвици и уште еднаш покажа дека е отпорен на шокови и има капацитет за справување со кризи, се заклучува во Извештајот за финансиска стабилност за 2022 година. На седницата на Комитетот за финансиска стабилност, одржана на 27 ноември, беше презентиран Извештајот за финансиската стабилност во Република Северна Македонија во 2022 година, а исто така беа разгледани и потребните активности кои треба да се преземат за спроведување на Законот за решавање банки.
На седницата на Комитетот, разгледувајќи ги показателите за различните сегменти од финансискиот сектор во 2022 година, беше нагласено дека финансиската стабилност е успешно одржана и покрај сложените услови на работење на финансискиот систем. Вкупните средства на финансискиот систем продолжија да растат и во 2022 година но со побавни стапки на раст. Вкупниот кредитен раст изнесуваше 9,4%, со што се обезбеди солидна кредитна поддршка и на корпоративниот сектор која забележа раст од 11,5% и на населението со раст за 7.3%. Овие стапки на кредитен раст се значајно повисоки од ЕУ каде тие изнесуваа 4,8%, 6,4% и 3,8% соодветно. Беше констатирано дека и понатаму е ограничена можноста за прелевање на ризиците помеѓу одделните сегменти на системот во услови на задржана едноставна структура на финансискиот систем, мала меѓусебна зависност и отсуство на посложени финансиски инструменти. Резултатите од стрес-тестирањето и посебните оценки и симулации за изложеноста на ризикот од промена на каматните стапки содржани во Извештајот укажуваат дека домашниот финансиски систем има капацитет за справување со шокови од позначаен интензитет.
Остварувањата на корпоративниот сектор во 2022 година беа солидни, пришто речиси сите дејности од корпоративниот сектор ги зголемија приходите од работењето и ја подобрија профитабилноста. Профитабилноста на корпоративниот сектор порасна за 19,8%, по раст од 32,1% во 2021 година. Показателите за конкурентноста исто така укажуваат на подобрена продуктивност на корпоративниот сектор која расте и тоа забрзано втора година по ред. Сепак, ликвидносниот ризик и натаму е клучниот извор на ранливост за домашниот корпоративен сектор и покрај оствареното подобрување на оперативната ефикасност во 2022 година. Финансиските показатели исто така укажуваат и на подобрување на финансиската дисциплина, во услови на забрзување на плаќањето на обврските и побрза наплата на побарувањата на компаниите. Ликвидносните потреби на компаниите во значајна мера беа покриени и со зголемената кредитна поддршка на банките, пришто покрај долгорочните кредити кои вообичаено имаат најголем придонес, во 2022 година, зајакна и краткорочното кредитирање.
Сепак, беше посочено дека неизвесното макроекономско окружување може да биде извор на ранливости за финансискиот сектор. Оттука, и натаму приоритетно е постојаното јакнење на отпорноста на банкарскиот и финансискиот сектор во целина, а во таа насока е и макропрудентниот мандат на финансиските регулатори обезбеден со новиот Закон за финансиска стабилност и макропрудентните мерки кои може да се преземат.
На седницата беше разгледана и Информацијата за потребните активности во врска со Законот за решавање банки. Kомитетот ги констатираше подготвителните активности кои треба да се спроведат од страна на институциите за да законот може да почне да се спроведува во предвидениот рок, односно од октомври 2025 година.