Агенцијата за супервизија на осигурување, на 1-ви ноември, 2014 година, во 11ч. во хотелот “Александар Палас”, одржа свечена манифестација по повод Денот на осигурувањето. На настанот свечено обраќање имаа г. Климе Попоски, претседател на Совет на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, г-ѓа Весна Ѓорчева, заменик претседател на Здружение на осигурување и г. Златко Михајловски, претседател на Асоцијација на осигурително- брокерски друштва.

Во рамки на свечениот дел беше доделена награда за млад истражувачки труд од областа на осигурувањето и управувањето со ризик. На Конкурсот беа пријавени 5 трудови за наградата за млад истражувачки труд од областа на осигурувањето и управувањето со ризик која годинава и беше врачена на г-ѓа Благица Петрески, за трудот на тема: ”Емпириска анализа на ризиците и отпорноста на шокови на македонскиот осигурителен сектор”.

Исто така, во рамките на настанот беше промовиран водичот за корпоративно управување наречен „Насоки за воведување на добри практики на корпоративно управување во друштвата за осигурување во Р. Македонија”, подготвен во соработка со ИФЦ – Меѓународна финансиска корпорација, МИОД – Македонскиот институт на директори и SECO – Државниот секретаријат за економски прашања. Во делот на оваа проектна активност беше организирана обука за претставници на Друштвата за осигурување и АСО која имаше за цел на учесниците да им овозможи запознавање со основите начела на доброто корпоративно управување. По завршувањето на обуката за корпоративно управување, учесниците се стекнаа со сертификат (ниво 1) од областа на корпоративното управување, а истиот им беше доделен од страна на г. Климе Попоски на Денот на осигурувањето.

На овој настан, Агенцијата ја промовираше и детската игра ”Помалку ризик, повеќе забава” која ќе има за цел преку игра да ги научи најмладите за придобивките од осигурувањето и можноста за избегнување на ризиците и нивно справување.