Во врска со објавената вест дека НБРСМ ја одзела дозволата за работа на ЕУРОСТАНДАРД БАНКА АД Скопје, Агенцијата за супервизија на осигурување ја информира јавноста дека осигурителниот пазар останува стабилен и развојот на настаните околу горе споменатата банка нема да влијаат  негативно врз ликвидноста и солвентноста  врз работењето на осигурителните компании.

Фактите велат:

Вкупната актива на осигурителниот сектор на 30.6.2020 година изнесува 26,4 милијарди денари. Осигурителниот сектор го сочинуваат 16 друштва за осигурување, од кои 11 вршат работи на неживотно осигурување, а пет вршат работи на осигурување на живот. Четири друштва за осигурување имале парични средства и депозити во Еуростандард банка на 30.6.2020, а вкупната вредност изнесувала 31 милиони денари, што претставува 0,1% од вкупната вредност на активата на осигурителниот сектор. Истовремено, од вкупните вложувања на осигурителниот сектор во банкарски инструменти, вложувањето во Еуростандар банка изнесува 0,3%. Најголемиот дел се пласмани на две друштва на осигурување со солидна солвентна позиција.

Во текот на 2019 година, АД за осигурување ЕУРОЛИНК Скопје доби нов сопственик, односно австриската осигурителна група ГРАВЕ од Грац ги купи сите акции издадени од ова друштво за осигурување од претходниот сопственик, кој е сопственик на банката. Оттука, ова друштво за осигурување не е во сопственичка поврзаност со банката, и не постои ризик од пренесување на обврските од банката на друштвото за осигурување.

Заклучокот што се добива од изнесените факти ја потврдува констатацијата дека не постои никаков ризик дека отворањето на стечајна постапка на Еуростандард банка ќе влијае на исполнувањето на обврските на друштвата за осигурување кои произлегуваат од договорите за осигурување ниту пак ќе се одрази суштински на профитабилноста и солвентноста на друштвата за осигурување.