Трудот на Филип Пеовски е пионерски обид за воведување на метод на предвидување на движење на главните трендови во осигурителниот сектор во земјата, со крајна цел да го унапреди корпоративното управување на друштвата за осигурување, во делот на деловното планирање и поставување на рационални очекувања. АСО го награди авторот на трудот со 80.000 денари

Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) додели награда за најдобар истражувачки труд на млад научник на тема од областа на управување со ризици во осигурувањето. Наградата на младиот научник м-р Филип Пеовски, асистент на Катедрата по математика и статистика на Економскиот факултет при УКИМ му ја додели проф.д-р. Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО. Плакетата на Пеовски му беше доделена по повод одбележувањето на Националниот ден на осигурувањето –
1 ноември.  а трудот кој е избран за победник предвидена е годишна награда во износ од 80.000 денари.

Трудот „Предвидување на осигурителните премии и штети во Северна Македонија: Постапка на експоненцијално израмнување“ на Филип Пеовски претставува сериозна и методолошки одлично конципирана истражувачка тема, а воедно и пионерски обид за воведување на метод на предвидување на движење на главните трендови во осигурителниот сектор во земјата, со крајна цел да го унапреди корпоративното управување на друштвата за осигурување, во делот на деловното планирање и поставување на рационални очекувања.

Авторот на трудот преку постапка за експоненцијално израмнување анализира трендови на бруто полисираната премија и бруто исплатените штети, во период од 10 години (2012 – 2022 година). Овој метод за предвидување е најефикасен кога сезонската и тренд компонентата се менуваат со текот на времето и е карактеристичен по тоа што им дава различна важност на опсервациите на временската серија. Тоа се постигнува со користење на константи за порамнување, кои ја одредуваат важноста на опсервациите преку доделување на тежински фактор. Авторот тоа го применува со вклучување на ефектите од пандемијата Ковид-19.

Трудот прави сублимат на наодите на концизен, јасен и системски начин. Во заклучокот се констатира дека со цел успешно интегрирање на методот на временски серии во деловната анализа, друштвата за осигурување треба да се ориентираат кон користење на обработка на големи податоци и машинско учење. Овој пристап, без сомнение ќе придонесе за подобри перформанси, поголема оптимизација, конкурентска предност и подобри очекувања за иднината.

Целта на конкурсот е да послужи како стимулација со која би придонела за зголемување на бројот и квалитетот на применетите научни трудови од областа на управување со ризици и осигурување во Македонија, а за трудот кој е избран за победник предвидена е годишна награда во износ од 80.000 денари.

Ова е 12 по ред конкурс што го распишува Агенцијата за супервизија на осигурување.