Истражувањето на Антонио Крстаноски, студентот на катедрата по осигурување на охрдискиот факултет, меѓу другото го обработува влијанието на корона кризата врз концентрацијата во осигурителниот бизнис во 28 земји на Источна Европа. АСО 13 години по ред на денот на осигурувањето доделува парична награда од 80.000 денари на млад научник-истражувач. Годинава во конкуренција на седум труда беше избрано истражувањето на Крстаноски

Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) додели награда за најдобар истражувачки труд на млад научник на тема од областа на управување со ризици во осигурувањето. Наградата на младиот научник Антонио Крстаноски, студент на Факултет за туризам и угостителство – Охрид, насока осигурување, му ја додели проф. д-р Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО. Плакетата на Крстаноски му беше доделена по повод одбележувањето на Националниот ден на осигурувањето –1 ноември, а за трудот кој е избран за победник предвидена е годишна награда во износ од 80.000 денари.

Трудот на авторот Антонио Крстаноски “Трендови во концентрацијата на пазарите на осигурување во Источна Европа” ги испитува трендовите во концентрацијата на пазарите на осигурување во Источна Европа од 2010 до 2020 година. Во анализата се вклучени 28 земји од Источна Европа, а исто така и македонскиот пазар на осигурување е вклучен во анализата.

Приложените анализи во трудот покажуваат дека концентрацијата на пазарите на осигурување во Источна Европа значајно опаѓа во периодот пред и по воведувањето на новата регулатива Солвентност 2,  а додека пак во периоди на економски и здравствени кризи, пазарната концентрација се зголемува што укажува дека поконцентрираните пазари се постабилни во периоди на неизвесност поради издржливоста на поголемите компании. Исто така, поголемата економска развиеност и подобрата регулација се поврзани со поконкурентни пазари на осигурување.

Во заклучниот дел, авторот укажува на тоа дека пазарите на осигурување во Источна Европа се карактеризираат со значајна разноликост во поглед на ефикасноста и структурата на националните осигурителни сектори и имаат повеќе специфичности. На крај, заклучува дека поконцентрирани осигурителни сектори функционираат подобро во време на кризи, додека пак, во време на отсуство на кризи помалку концентрирано сектори се поповолни.

Целта на конкурсот е да послужи како стимулација за развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на управување со ризици и осигурување во Македонија, како и афирмација на млади и стручни кадри.