Заштита на укажувачи
Заштитеното пријавување во смисла на Законот за заштита на укажувачите се дефинира како пријавување со кое, во согласност со овој закон, се пренесува разумно сомневање или сознание дека е извршено, дека се извршува или дека е веројатно дека ќе се изврши казниво или друго незаконито или недозволиво постапување, со кое се повредува или се загрозува јавниот интерес.
Јавниот интерес се дефинира како заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија, спречување на ризиците за здравјето, одбраната и безбедноста, заштита на животната средина и на природата, заштита на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, владеење на правото и спречување на криминалот и корупцијата.
Заштитено пријавување
Заштитено пријавување се врши како заштитено внатрешно пријавување, заштитено надворешно пријавување или заштитено јавно пријавување, согласно членовите 4, 5 и 6 од Законот за заштита на укажувачи, со добра намера и со разумно сомневање во вистинитоста на информациите во содржината на пријавата во времето на пријавувањето.
Заштитено внатрешно пријавување укажувачот врши во институцијата, односно правното лице, за каде има сомневање или сознание дека е извршено, се врши или ќе се изврши казниво дело, или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес. Укажувачот, може да изврши пријавување и надвор од институцијата, односно правното лице за каде го врши пријавувањето, и притоа таквото пријавување да се смета за заштитено надворешно пријавување, но само под услови пропишани согласно законот.
Институции кои се надлежни за надворешно пријавување се:
- Министерство за внатрешни работи,
- Државна комисија за спречување на корупцијата,
- Народниот правобранител и
- Јавно обвинителство.
Укажувачот не е должен да ја докажува добрата намера и вистинитоста на пријавувањето.
На укажувачот му се обезбедува заштита согласно закон и му се гарантира анонимност и доверливост до стемен и до момент до кои тој тоа го бара. Правото на анонимност може да се ограничи со судска одлука за која без одлагање се известува укажувачот.
Категории на лица кои можат да се јават во својство на укажувачи
Категории на лица кои можат да се јават во својство на укажувачи се: лицe коe има засновано работен однос на неопределено или определено време во институцијата, односно правното лице за каде пријавува; кандидат за вработување, кандидат за волонтер или практикант во институцијата, односно правното лице за каде пријавува; лице кое е или било волонтер или практикант во институцијата, односно правното лице за каде пријавува; лице кое врз која било основа е ангажирано или било ангажирано за извршување работа од институцијата, односно правното лице за каде пријавува; лице кое врз која било основа е во деловен однос или било во деловен однос или во друг однос на соработка со институцијата, односно правното лице за каде пријавува; лице кое користи или користело услуги во институцијата, односно правното лице во јавниот и приватниот сектор за каде пријавува.
Овластено лице за прием на пријави од укажувачи
Ратка Целаковски
Контакт тел: (02) 3245 060
е-маил: ukazuvaci@aso.mk
Закон
Правилници
Одржана редовна седница на Комитетот за финансиска стабилност
Финансискиот систем е во добра состојба и е подготвен да им одговори и на идните предизвици. Меѓусекторската поврзаност на институционалните сегменти на системот и можноста за прелевање на ризиците од еден во друг сегмент се на ниско ниво. Исклучително важно за македонската економија е што сите расположливи показатели покажуваат дека секој од институционалните сегменти на домашниот финансиски сектор добро се справува со ризиците од пандемијата. Клучно е што банкарскиот систем соодветно им одговори на предизвиците од кризата и ја потврди својата отпорност на шоковите, имајќи предвид дека од неговата стабилност е условена стабилноста на севкупниот финансиски систем.
Ова се дел од заклучоците од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, на којашто беше презентиран Извештајот за финансиската стабилност во 2020 година, неодамна усвоен од Советот на Народната банка. Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски.
Осврнувајќи се на показателите за банкарскиот систем, гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи и дека заради подетална оцена на ризиците и на подготвеноста на банкарскиот сектор за справување со шокови во специфични услови на пандемија, Народната банка ја прошири рамката за стрес-тестирање на системот.
„Покрај редовниот макрострес-тест, за првпат спроведовме и сеопфатно и конзистентно, индивидуално стрес-тестирање за секоја банка. Резултатите од стрес-тестирањето, според двата пристапа, покажаа дека заштитните слоеви на капиталот, што ги изгради банкарскиот систем во претходниот период, обезбедуваат соодветна заштита од ризиците и овозможуваат натамошен раст на кредитната поддршка, и тоа и за домаќинствата и за корпоративниот сектор.“ – истакна гувернерката.
Таа напомена дека од голема важност е што и покрај предизвиците од пандемијата, и по завршувањето на одложувањето на наплатата на кредитите, нивото на нефункционалните кредити сѐ уште е ниско.
На седницата беше посочено дека Министерството за финансии постојано ги следи состојбите во сегментот од финансискиот систем за кој е надлежно, односно финансиските друштва и друштвата за лизинг. Имено, минатата година овој сектор беше погоден од пандемијата на ковид-19, но од почетокот на годинава покажува закрепнување и позитивни резултати, како преку зголемување на бројот на друштвата коишто работат на пазарот, така и во финансиските пласмани.
„Зајакнувањето на пазарната позиција од страна на финансиските друштва во изминатиов период е дополнителен импулс за посериозно размислување за регулаторните барања и стандарди коишто треба да ги исполнуваат финансиските друштва. Од оваа причина, Министерството за финансии ја разгледува можноста за зајакнување на регулаторната рамка за работење на финансиските друштва на пазарот во Република Северна Македонија, со цел да се нагласи нивната сериозност и пристап во работата од една страна, како и да се зголеми довербата кај населението и компаниите во овие финансиски институции.“ – истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Тој додаде дека ова е потребно затоа што финансиските друштва треба да се гледаат како сериозни финансиски институции коишто нудат алтернатива на банкарското работење, а не само како друштва коишто му нудат краткорочни кредити на населението.
КХВ продолжува доследно, како и во изминатиот период, внимателно да ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција којашто првенствено е насочена кон учесниците на пазарот, пазарната инфраструктура, пазарниот амбиент, вклучувајќи ги тука и транспарентноста, доброто корпоративно управување и инвеститорскиот интерес.
„Мисијата на пазарот на капитал и во периодот по избувнувањето на пандемијата на ковид-19 е насочена кон препознавање позитивни идеи и проекти, коишто го зајакнуваат работењето на берзата и фондовите, па оттука ги мотивираме акционерските друштва, но и сите други субјекти коишто имаат силен потенцијал за напредок да инвестираат во иновации и во развој преку пазарот, бидејќи само позитивните трендови можат да придонесат за уште подобри економски параметри.“ – истакна претседателката на КХВ, Нора Алити.
Пазарот на капитал забележува стабилност, од сите негови аспекти, којашто е постојана и очигледна, што, пак, е резултат на активностите на КХВ. Поаѓајќи од сублиматот на остварувањата на пазарот на хартии од вредност, во годината којашто беше исклучително неизвесна за сите, се забележува напредок во одредени сегменти, што е наведено и во Извештајот за финансиската стабилност во 2020 година.
Како што беше истакнато на седницата, дури и во услови на криза со нови предизвици, Комисијата успева да делува засилено, како проактивен регулатор и да гради поотпорен пазар на капитал.
Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, истакна дека глобалната здравствена и економска криза краткотрајно ги измести трендовите на нагорно движење на параметрите на задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, така што се забележаа надолни поместувања на крајот на првиот квартал од 2020 година, но пензиските фондови за релативно кратко време ја вратија и ја надминаа намалената вредност на средствата.
„Сепак, имајќи предвид дека пензиските фондови се долгорочни инвеститори, значајно е тие да се ценат на подолг рок. Во седумгодишниот период 2014 – 2020 година, остварениот просечен принос на годишна основа е во рамките на стратегиски предвиденото ниво.“ – истакна Али.
„Конзервативните политики на друштвата за осигурување и регулативата за вршење на дејноста осигурување којашто се однесува на вреднувањето на техничките резерви и вложувањата на средствата коишто ги покриваат техничките резерви, како и високиот квалитет на инструменти коишто се вклучени во пресметката на капиталот на друштвата за осигурување, се добра основа и гаранција за зачувување на солвентноста во работењето на друштвата за осигурување. Во првата половина од 2021 година е забележан раст на осигурувањата во двете групи, неживот и живот. Бројот на друштвата за осигурување не е променет, но се бележи зголемена конкуренција во понудата на осигурителни услуги во двата сегмента, што доведува до значителен раст на расходната страна, односно раст на исплатите на штети и на оперативните трошоци од работењето, што придонесува за намалување на пазарната концентрација, но и за влошување на финансиските резултати во првата половина од годината.“ – посочи, меѓу другото, претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски.
На седницата беше истакнато и дека е исклучително важно што и покрај изразените влијанија на пандемијата, ризиците поврзани со секторот „домаќинства“ се во контролирани рамки, при што задолженоста на домаќинствата и натаму е умерена. Притоа, важно е што домаќинствата ја задржаа способноста за редовно намирување на долгот, што придонесе за одржување на квалитетот на кредитното портфолио на банките. Задолженостa на корпоративниот сектор умерено се зголеми во 2021 година, но таа и натаму е во умерени рамки. Всушност, корпоративниот сектор и во време на пандемија го зголеми капиталот што придонесе за раст на должничкото финансирање, без да се зголеми нивото на задолженост изразено како сооднос помеѓу долгот и капиталот (финансиски левериџ). Имајќи предвид дека пандемијата е главниот извор на ризици за корпоративниот сектор и во следниот период, на седницата беше нагласено дека ризиците се поизразени за субјектите со повисоко ниво на задолженост и оние коишто нема да успеат да го приспособат работењето на условите што ги наметна пандемијата.
Согледувајќи ги податоците за сите институционални сегменти на финансискиот систем, беше заклучено дека тој е подготвен да им одговори и на идните предизвици. Во тој контекст, поаѓајќи од фактот дека сѐ уште постои неизвесност во врска со текот на пандемијата и можните натамошни ефекти врз економиите, се очекува дека сите финансиски институции и натаму ќе се однесуваат претпазливо и ќе одржуваат соодветни нивоа на капитализираност и ликвидност.
Поткомитетите во рамките на Комитетот за финансиска стабилност редовно ги следат состојбите, со што координираноста на финансиските регулатори е постојана.
Најголемата штета исплатена за осигурен имот, осигуреникот наплатил 200.000 евра
Од петте највисоки исплатени поединечни штети во првите шест месеци годинава две се за осигурување имот со вкупна вредност од 335.000 евра. За покритие од задолжителната автоодговорност најголемата исплена сума е 173.000 евра, за покритие од зелен картон компанија исплатила 101.000 евра, а 80.000 евра наплатил осигуреник за карго (т.е. осигурување стоки во превоз)
Највисоката исплатена штета покриена со осигурителна полиса изнесува 12,28 милиони денари (200.000 евра) и е исплатена за осигурување имот. Штетата ја наплатило правно лице осигурано кај друштвото за осигурување неживот АДОР „Македонија“, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за првите шест месеци годинава.
Втора според вредност штета, во првото полугодие годинава, е исплатена во класата задолжително осигурување од автомобилска одговорност. Износот е 10,66 милиони денари (173.000 евра) и ја исплати „Евроинс осигурување“.
Третата поединечна највисока штета е исплатена од АДОР „Македонија“ исто така по основ на полиса за осигурување имот. Нејзината вредност изнесува 7,1 милиони денари (115.000 евра), а обештетено е правно лице.
Следна според исплатената вредност е најголемата поединечна штета во класата на зелената карта. Изнесува 6,2 милиони денари (101.000 евра) исплатени се од „Халк Осигурување“. Највредната штета во класата карго (со која се осигуруваат стоки во превоз) изнесува 4,9 милиони денари (80.000 евра) и е исплатена од компанијата „Триглав осигурување“.
Во класата осигурување од незгода, која има најголем број активни договори за осигурување во споредба со сите други класи доброволно осигурување, највисоката штета ја исплатила компанијата „Еуролинк“ и таа изнесува 3,57 милиони денари (58.000 евра).
Следи најголемата штета исплатена за моторно возило со каско осигурување и таа изнесува 1,78 милиони денари (29.000 евра), исплатена од „Винер ВИГ“. Кај патничкото осигурување наголема штета во првото полугодие исплатила „Сава Осигурување“ и таа изнесува 934.000 денари (15.200 евра).
Кај најактуелното од доброволните неживотни осигурувања – приватното здравствено осигурување највисока штета исплатило друштвото „Халк Осигурување“. Таа изнесува 615.000 денари (10.000 евра).
Осигурувањето од финансиски загуби е доброволна класа на осигурување која има голем потенцијал и покрај малото пазарно учество бележи значаен раст. Во овој период најголемата исплатена штета во оваа класа осигурување изнесува 468.000 денари (7.600 евра) и е покриена од „Сава Осигурување“.
Во првите шест месеци годинава граѓани, компании и институции наплатија 1,94 милијарди денари (31,5 милиони евра) обештетување за штети покриени со осигурителни полиси за неживотно осигурување. Компаниите за неживотно осигурување во првото полугодие годинава исплатиле 319,5 милиони денари (5,2 милиони евра) односно 20 отсто повеќе штети во споредба со истиот период минатата година.
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.
Осигуреници вложија 5 милијарди денари во полиси, 15,6 % повеќе од лани
Вложувањата во осигурување имот растат во иста мерка со задолжителното осигурување од автомобилска одговорност, тренд што е многу значаен за развојот на осигурителниот пазар. Во овој период особено се истакнува континуираниот раст на вложувањата на осигуреници во приватното здравствено осигурување кое достигна 3,8 милиони евра и бележи раст од 38 отсто во однос на првото полугодие во 2020 година
Вложувањата на осигуреници во полиси за неживотни осигурувања (бруто полисирана премија БПП) достигнаа 5 милијарди денари (81,2 мил.евра) во првите шест месеци годинава. Тоа е за 15,6 отсто подобар резултат во споредба со истиот период во 2020 годна, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Растот на вложувањата во полиси за неживотно осигурување е очекуван со оглед на фактот што минатата година беше исклучително тешка заради бројните ограничувања и рестрикции што ги наметна здравствената пандемија предизвикана од корона кризата. За половина година се склучени 634.567 договори за неживотно осигурување, 16 отсто повеќе од лани.
Значајно е да се истакне дека во првата половина годинава вложувањата во неживотно осигурување се поголеми за 600 милиони денари (9,76 мил.евра) или 13,6 отсто и во однос на 2019 година.
Најголем раст на вложувањата во осигурување има кај приватното здравствено осигурување и осигурувањето имот. Очекувано со падот на рестрикциите за патување значајно зголемување има и кај продажбата на зелени карти и на патничко осигурување.
Осигурувањето имот за шест месеци достигна вредност од 1,4 милијарди денари (22,7 мил.евра) што е за 210,3 милиони денари (3,4 мил.евра) повеќе од истиот период претходната година. При тоа вложувањата на компании, институтиции и други правни лица во осигурување имот надмина една милијарда денари (17,3 мил.евра) што е за 29 отсто повеќе од истиот период 2020 година.
Здравственото приватно осигурување, по експанзијата на корона кризата, бележи континуиран раст. Во првите шест месеци вложувањата во ова осигурување надмина 232 милиони денари (3,8 мил.евра) што е за еден милион евра односно 38 отсто повеќе од лани.
БПП во најзастапената класа осигурување од автомобилска одговорност (задолжителна со закон и со регулирана цена) на осигурителните компании за половина година им донесе приход од 1,74 милијарди денари (28,3 милиони евра). Вложувањата во ова осигурување се зголемени за 14 отсто во однос на истиот период во 2020 година.
Продажбата на зелен картон достигна 409,4 милиони денари (6,6 мил.евра) што претставува раст од 34 отсто, а на патничкото осигурување 47,7 милиони денари (775.000 евра) или 18 отсто повеќе од лани.
Најголемо пазарно учество во првата половина на годинава има „Триглав Осигурување“ пред „Еуролинк Осигурување“, „Халк Осигурување“, АДОР „Македонија„ и „Уника“. По нив следуваат „Сава Осигурување“, „Евроинс Осигурување“, „Винер – ВИГ“, „Кроација осигурување – неживот“, „Осигурителна полиса“ и „Граве неживот“.
Раст на пазарното учество бележат сите 11 компании за неживотно осигурување. Најголем раст во овој период бележат: „Халк Осигурување“, „Уника“ , „Кроација неживот“ и „Граве неживот“. Следуваат: „Сава Осигурување“, „Винер – ВИГ“, „Осигурителна полиса“, „Триглав Осигурување“, АДОР „Македонија“ и „Евроинс Осигурување“.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Усвоен Кодекс на добри практики за финансиска едукација
Регулаторите на финансискиот пазар: Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност (КХВ), и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) усвоија Кодекст на добри практики за финансиска едукација кој ќе обезбеди ефективни, едукативни програми кои се во интерес на населението. Кодексот го изработи Координациското тело за финансиска едукација и финасиска инклузија во кое членуваат претставници од петте регулаторни тела. Овој документ произлегува од Стратегијата за финансиска едукација и инклузија која беше донесена во јули.
Со оглед на растечките потреби, иницијативите за финансиска едукација, како и растот на бројот на вклучени субјекти од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, се јави потреба од јасно дефинирање на основите и начините за вклучување на овие субјекти, координацијата, како и обезбедување на ефективни едукативни програми кои се во интерес на населението.
Кодексот ги утврдува принципите што треба да се применуваат при спроведување на финансиска едукација на населението во земјава, од страна на сите субјекти од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор кои ќе бидат вклучени во овој процес. Во него се наведени целите кои се сакаат да се постигнат, принципите кои треба да се применуваат при спроведување на активностите за финансиска едукација, опфатот на активностите, добрите практики во однос на содржините и обучувачите за финансиска едукација, како и начинот на информирање на регулаторите и оценување на активностите.
кодекс на добри практики за финансиска едукација – клик
Кодексот базира на најдобрите светски искуства и препораките на ИНФЕ-ОЕЦД и има за цел да овозможи промоција и реализација на висококвалитетна и непристрасна финансиска едукација од страна на сите вклучени субјекти. Со него ќе се зајакне координираниот пристап за финансиска едукација, што ќе придонесе за подобри и побрзи резулати на национално ниво.
Во современите услови на динамичен финансиски систем, финансиската едукација станува потребна за сите возрасти и за сите социјални слоеви од населението. Од аспект на институциите и субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто можат да придонесат во оваа област, финансиската едукација станува дел од општествената одговорност и значаен аспект на градење на нивната репутација. Оттаму, координираниот пристап на дејствување ќе придонесе за зголемена ефикасност и ефективност на дејствување.
Финансиските регулатори ги повикуваат сите субјекти од приватниот и граѓанскиот сектор коишто остварувале или се заинтересирани да реализираат активности за финансиска едукација да се запознаат со Кодексот, достапен на следнлинк …, и да се приклучат на иницијативата за координиран пристап.
Седница одржана на 27.8.2021
- Записник од дваесет и првата седница на СнЕ на АСО во 2021 година, одржана на ден 20.8.2021 година во 10:00;
- Измена на Годишниот план за теренска супервизија на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2021 година,
- Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување на лицето Александар Христов,
- Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување на лицето Фиданчо Лозанов
Осигуреници од штети наплатија 31,5 милиони евра, 20 % повеќе од лани
Компаниите за неживотно осигурување во првото полугодие годинава исплатиле 5,2 милиони евра повеќе штети на осигуреници во однос на истиот период лани. Раст на исплатите има кај трите големи групи класи: осигурување имот, осигурување моторни возила и останатите класи од неживотно осигурување
Граѓани, компании и институции наплатија 1,94 милијарди денари (31,5 милиони евра) обештетување за штети покриени со осигурителни полиси за неживотно осигурување во првите шест месеци годинава, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).
Во споредба со истиот период минатата година износот на бруто исплатени штети (БИШ) кои осигурителите ги платиле на осигуреници е повисок за 319,5 милиони денари (5,2 милиони евра односно) односно 20 отсто.
Во значајна мерка влијание врз растот на исплатените штети има зголемувањето на вкупната мобилност како и активностите во сите општествени сфери. Тие се интензивираа по укинувањето на мерките и ограничувања кои, истиот период лани, беа на сила заради превенција од глобалната здравствена пандемија предизвика од вирусот COVID-19.
Значаен раст на исплатените штети има кај осигурувањето имот. Во првите шест месеци годинава 11 осигурителни друштва за неживотно осигурување на своите осигуреници за штети на осигурен имот им исплатиле 292 милиони денари (4,75 милиони евра) што е за 18,5 отсто повеќе од истиот период минатата година.
Кај осигурувањето од автомобилска одговорност (најзастапено осигурување задолжително со закон) износот на исплатени штети изнесува 1,04 милијарди денари (17 милиони евра). Во споредба со истиот период лани износот на исплатени штети е зголемен за 21 отсто односно 182 милиони денари (3 милиони евра).
Кај класата на доброволно автомобилско осигурување т.е. каско осигурување за овој период компаниите исплатиле штети во вредност од 224 милиони денари (3,6 милиони евра).
Осигурителните друштва за останатите класи осигурување на своите осигуреници по пријавени штети им исплатиле 374 милиони денари (6,1 милиони евра) во првата половина годинава. Тоа е за 104,5 милиони денари (1,7 милиони евра) односно 38 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Од вкупно 11 компании за неживотно осигурување кај десет друштва се зголемени износите исплатени за надомест на штети. Најголем раст (во %) во овој период имаат: „Кроација осигурување – неживот“ со 64 отсто, „Халк осигурување“ со 61 отсто, „Уника“ со 42 отсто, “Евроинс осигурување“ и АДОР „Македонија“ со раст од 22 отсто и „Сава осигурување„ со раст од 17 отсто. Следува „Винер ВИГ“ со раст од 5 отсто па „Триглав Осигурување“, „Еуролинк Осигурување“ и „Граве неживот“ со по 4 отсто раст на износите на бруто исплатени штети.
Најголемо учество во вкупниот износ на исплатени штети за првото полугодие имаат „Триглав осигурување“ со 243 милиони денари (3,95 милиони евра) „Халк Осигурување“ и „Евроинс Осигурување“ кои исплатиле по 222 милиони денари (3,6 милиони евра). По нив следуваат: „Сава Осигурување“ и „Уника“ со по 200 милиони денари (3,25 милиони евра), „Еуролинк осигурување“ со исплатени 191 милиони денари (3,1 милиони евра), АДОР „Македонија“ и „Винер ВИГ“ со по 164 милиони денари (2,67 милиони евра). „Кроација осигурување – неживот“ исплатила 138 милиони денари (2,2 милиони евра), „Осигурителна полиса“ 127милиони денари (2,1 милиони евра) и „Граве неживот“ 65 милиони денари (1,06 милиони евра).
Повеќе детални информации на следниот линк https://aso.mk/preliminarni-podatoczi-bruto-polisirana-premija-bruto-isplateni-shteti/
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.