Граѓани, фирми и институции од осигурување наплатиле 65,1 милиони евра
Осигурениците лани во полиси за покривање различни ризици вложиле 163,7 милиони евра
Граѓани, компании и институции од пријавени штети лани наплатиле 4 милијарди денари (65,1 милиони евра) што е на исто ниво како и во 2019 година. Од тоа за штети по полиси за неживотно осигурување компаниите на осигурениците исплатиле 3,57 милијарди денари (58 милиони евра). Исплатите на штети по основ на осигурување живот изнесуваат 436,9 милиони денари (7,1 милиони евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Сите осигуреници лани во осигурување вложиле 10 милијарди денари (163,7 милиони евра). Во период од пет години (од 2016 до 2020 година) биле купени полиси вредни 48,3 милијарди денари (785,2 милиони евра).
Во последниве пет години во осигурување живот граѓаните вложиле вкупно 7,98 милијарди денари (129,7 милиони евра). За полиси кои покриваат ризици од неживотното осигурување (автомобилска одговорност, каско, имот, општа одговорност, приватно здравствено и други видови осигурување) вкупно се платени 40,3 милијарди денари (655,5 милиони евра).
Продажбата на полиси за осигурување (бруто полисирана премија) лани во споредба со 2016 година е зголемена за 1,35 милијарди денари (22 милиони евра). Бројните ограничувања врз вкупните економски текови и особено врз мобилноста, кои лани ги предизвика здравствената пандемија, негативно се одразија и врз продажбата на полиси. Но благодарејќи на проактивниот пристап и соработката меѓу АСО и осигурителните компании вкупната продажба на полиси лани бележи благ пад од 5 отсто во споредба со 2019 година.
На осигурителниот пазар работат вкупно 16 друштва за осигурување меѓу кои 11 покриваат ризици од осигурување неживот, а 5 компании се специјализирани за осигурување живот.
Што ја одбележа 2020 година?
Продажбата на полиси од корпусот неживотно осигурување лани во вкупната бруто полисирана премија учествува со 82,7 отсто и изнесува 8,3 милијарди денари (135,4 милиони евра). Осигурителните друштва од продажба на полиси за осигурување живот инкасирале 1,74 милијарди денари (28,3 милиони евра) што претставува 17,3 отсто од целиот приход од продажба полиси.
И лани најголемо учество во целата продажба има осигурувањето моторни возила со 4,96 милијарди денари (80,65 милиони евра), пред осигурувањето имот со 1,86 милијарди денари (30,25 милиони евра). Најголем раст има кај приватното здравствено осигурување од чија продажба осигурителите наплатиле пет пати повеќе во однос на 2019 година.
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надозр над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштитата на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.
Седница одржана на 08.04.2021
- Барање за добивање согласност друштвото за ревизија МУРС СТИВЕНС да врши ревизија на финансиските извештаи на Акционерско друштво за осигурување ГРАВЕ НЕЖИВОТ Скопје за 2021 година и Решение за издавање на согласност за друштво за ревизија ,
- Барање за добивање согласност друштвото за ревизија ГРАНТ ТОРТОН да врши ревизија на финансиските извештаи на Акционерско друштво за осигурување ГРАВЕ Скопје за 2021 година и Решение за издавање на согласност за друштво за ревизија,
- Барање за добивање согласност друштвото за ревизија ГРАНТ ТОРТОН да врши ревизија на финансиските извештаи на Акционерското друштво ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ Скопје за 2021 година и Решение за издавање согласност за друштво за ревизја,
- Барање за добивање согласност за стекнување квалификувано учество во Акционерското друштво за застапување во осигурување МОЕ ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје поднесено од лицето Каролина Ристова Стефановска и Решение за издавање на согласност за стекнување на квалификувано учество во осигурително брокерско друштво,
- Одлучување по добиено известување од УНИ БАНКА АД Скопје за раскинување на договор за застапување во осигурување со лицето Дарко Таневски и Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување,
- 7. Одлучување по добиено известување од КРОАЦИА ЖИВОТ АД Скопје за раскинување на договор за застапување во осигурување со лицето Драган Петковски Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување,
- Одлучување по добиено известување од НЛБ БАНКА АД Скопје за раскинување на договор за застапување во осигурување со лицето Горан Димитриевски и Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување ,
- Одлучување по добиено известување од Национална групација за осигурување ОСИГУРИТЕЛНА ПОЛИСА АД Скопје за раскинување на договор за застапување во осигурување со лицето Елена Михајловска и Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување,
- Одлучување по поднесена пријава за учество на обука и полагање на стручен испит потребен за добивање дозвола за работа како овластен актуар и донесување на Решение за исполнување на услови за учество на обука и полагање на стручен испит потребен за добивање на дозвола за работа како овластен актуар прилог (листа на кадидати за обука за актуар, со име и презиме, вкупно 21 кандидат),
- Барање (молба) од Фондот за пензиско и инвалиско осигурување на РСМ за пријава на лице за учество на обука и полагање на стручен испит за актуар по завршување на рокот за пријавување објавен од Агенцијата,
- Одлука за изрекување дополнителна мерка на супервизија кон Друштвото за осигурување Халк Осигурување АД Скопје и Решение за изрекување дополнителни мерки кон Друштвото за осигурување Халк Осигурување АД Скопје,
- Информација за реализација на Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2021 година, заклучно со 31.03.2021 година
Седница одржана на 25.03.2021
- Решение за давање согласност за вршење на функцијата член на орган на управување во Триглав Осигурување Живот АД, Скопје на лицето Вилма Учета Дузлевска,
- Решение за давање согласност за вршење на функцијата член на орган на управување во ТРИГЛАВ осигурување на лицето Војдан Јорданов,
- Решение за одземање на лиценцата за застапник во осигурувањето на лицето Владимир Молоски Решение за давање согласност за измена на седиште на Акционерското друштво ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ Скопје,
- Решение за давање согласност за измена на статут на Акционерското друштво ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ Скопје,
- Информација за Кроација неживот за неизрекување на супервизорски мерки,
- Одлука за Винер неживот за изрекување на глоба.
Земјоделци и сточари наплатија над 5 милиони евра штети од осигурување
Паралелно со растот на вредноста на исплатени штети, расте и износот што земјоделците и сточарите го вложиле во полиси за осигурување. Лани продажбата на земјоделски полиси надминаа 7,8 милиони евра. Вложувањата на аграрните компании во земјоделско осигурување лани пораснале за 65 отсто.
Земјоделците и сточарите наплатиле 313,6 милиони денари (5,1 милиони евра) штети од осигурителните компании лани врз основа на покритијата од нивните осигурителни полиси. Вредноста на исплатите за настанати штети лани се зголеми за 56 отсто во споредба со претходната година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Најголем раст на наплатени штети има кај земјоделските фирми кои врз основа на осигуреното од своите полиси наплатиле 141,4 милиони денари (2,3 милиони евра) што е за 1,4 милиони евра повеќе исплати за штети во споредба со 2019 година.
На индивидуалните земјоделци минатата година осигурителните компании им надоместиле 2,8 милиони евра за настанати штети и тоа е за 18 отст повеќе од претходната споредбена година.
Паралелно со растот на исплатените штети расте и продажбата (бруто полисирана премија) на полиси за земјоделско осигурување. Аграрни компании, индивидуални земјоделци и сточари лани вложиле за 24 отсто повеќе во осигурување. Вкупната вредност на продадените полиси за земјоделско осигурување лани достигна вредност од 480 милиони днеари (7,8 милиони евра). Најголем раст на вложувања во осигурување има кај земјоделските и сточарските фирми кои за полиси лани издвоиле 65 отсто повеќе односно 215,2 милиони денари (3,5 милиони евра).
Земјоделските компании и индивидуалните земјоделци четири години во континуитет ги зголемуваат своите вложувања во полиси за осигурување на посевите, плодовите и добитокот. Според официјалните податоци на АСО продажбата на полиси за сите класи земјоделско осигурување од 2017 година до лани е зголемена за 2,5 пати.
Според евиденцијата на АСО четири компании кои нудат земјоделско осигурување лани продале вкупно 3.751 полиса. Од тоа 3.017 се индивидуални земјоделци и сточари, а 734 се земјоделски и сточарски компании.
Што осигуруваат земјоделците и сточарите?
Полисите за осигурување во земјоделството покриваат ризици од пожар, град, мраз, луња и дополнителни ризици врз посевите и плодовите. Кај осигурувањето добиток полисите покриваат ризици од последици од болести.
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.
Јавна расправа на Предлог Правилник на АСО
Почитувани,
Врз основа на член 158-б став (1) точка 4 и член 158-ѕ точка (1) а во врска со член 94 од Законот за супервизија на осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр.27/02, 84/02, 98/02, 33/04, 88/05, 79/07, 08/08, 88/08, 56/09, 67/10, 44/11, 88/13, 43/14, 12/14, 153/15, 192/15, 23/16, 83/2018 198/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.101/19 и 31/20), АСО изготви Предлог содржина Правилник за осигурување на живот во врска со удели во инвестициски фондови кога осигуреникот го презема инвестициониот ризик.
Повеќе детали на следниот линк.
Осигурениците добија 30 отсто повеќе од штети на имот, осигурителите платија над 10 милиони евра
Вредноста и бројот на продадени полиси за осигурување имот расте пет години во контиунитет. Лани, во услови на здравствена пандемија, расте осигурувањето имот кај: домаќинствата, компаниите, земјоделците и кај државниот сектор. Вкупната продажба на полиси за осигурување имот лани надмина 30 милиони евра и порасна за 5 отсто
Осигурителните компании (вкупно 11 друштва кои продаваат полиси за осигурување имот) лани на своите осигуреници им исплатиле вкупно за штети (бруто исплатени штети) 10,2 милиони евра, што е за 30 отсто повеќе од претходната година.
За штети од пожари и други природни непогоди лани биле надоместени 191 милиони денари (3,1 милиони евра), додека пак кај останатите имотни осигурувања лани осигурениците добиле 439 милиони денари (7,1 милиони евра).
Вкупната продажба (бруто полисирана премија) на полиси за осигурување имот лани достигна 1,86 милијарди денари (30,26 милиони евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Вредноста на осигурителните полиси кои осигурниците ги купиле лани пораснала за 5 отсто (1,43 милиони евра) во споредба со 2019 година.
Зголемен е и бројот на склучени полиси за осигурување имот на физички лица и на правни лица. Вкупниот број на полиси за осигурување на имот во 2020 изнесува 135.223 што е за 4 отсто повеќе споредено со претходната година.
Граѓаните лани во осигурителни полиси вложиле вкупно 507,4 милиони денари (8,25 милиони евра), а приватни компании и државните институции платиле 1,35 милијарди денари (22,01 милиони евра). Најголемо учество во вкупната вредност на осигурувањето лани имаат осигурувањата на градби и нивната содржина (13,3 милиони евра) и земјоделските осигурувања (7,84 милиони евра).
При тоа, осигурувањето на имот (освен пожар и други природни непогоди) пораснало за 7 отсто во однос на 2019 година и надминало 1,09 милијарди денари (17,76 милиони евра), што пред сè се должи на градежната експанзија во урбаните средини.
Зголемување од 2 отсто има и кај продажбата на осигурување од пожар и други природни непогоди која достигна 768,2 милиони денари (12,5 милиони евра).
Податоците што ги објавува АСО се достапни и на следниот линк https://aso.mk/preliminarni-podatoczi-bruto-polisirana-premija-bruto-isplateni-shteti/
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.
Започнува Глобалната недела на парите 2021 година
Координациското тело на финансиските регулатори за финансиска едукација и финансиска инклузија, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот сектор и непрофитните институции активни во доменот на финансиската едукација, деветта година по ред ја одбележуваат Глобалната недела на парите, којашто оваа година е во периодот 22 ‒ 28 март. Темата на Глобалната недела на парите за оваа година е: „Грижи се за себе, грижи се за своите пари“ (Take care of yourself, take care of your money).
Заради пандемијата со корона-вирусот, активностите за време на Глобалната недела на парите оваа година, главно ќе се одвиваат преку е-предавања и објави на едукативни материјали на интернет-страниците на институциите и на социјалните мрежи. Виртуелните едукативни предавања ќе бидат наменети за учениците од основните и средните училишта од нашата земја на теми од областите што ги покриваат одделните институции, поврзани со функционирањето на финансискиот систем.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ќе земе учество во Глобалната недела на пари преку бројни активности на повеќе нивоа: промовирање на корисни содржини и давање совети на осигурениците преку порталот за едукација со акцент за заштита на нивните права и интереси, споделување на корисни и навремени информации преку интернет страната и социјалните мрежи, едукативни прашалници, анкети, организирање квиз, едукативни онлине предавања, ТВ настапи,промоција на добрите практики во доменот на финансиската едукација и финасиската инклузија,промовирање на улогата на друштвата за осигурување и посредниците во осигурување во финансиската едукација со цел да стане дел од нивното добро работење во однос на нивните финансиски клиенти, поттикнување на отчетноста и одговорноста на друштвата за осигурување и посредниците во осигурување, не само во обезбедувањето информации и совети за финансиски прашања, туку и во промовирањето на финансиската свест на клиентите, особено за долгорочни обврски и обврски коишто претставуваат значителен дел од сегашните и идните приходи. Повеќе: Билтен на активности
На светско ниво, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година заради пандемијата, при што од 2021 година се одржува во организација на ОЕЦД. Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 175 земји во светот, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат државните, финансиските и образовните институции. Целта на Глобалната недела на парите е да ги поттикне младите да инвестираат во својата иднина, истакнувајќи ја важноста на финансиската едукација, со што ќе се помогне тие да станат свесни за своите финансиски права, ќе им се олесни пристапноста до финансиските услуги и ќе се развијат нивните финансиски вештини.
Официјалниот почеток на Кампањата може да го проследите тука: да се регистрирате тука или да гледате во живо на YouTube каналот на GNP.
Лансирањето на настанот почнува во 12:00 часот!
АСО, ОПМ и НБРМ со активности за Светскиот ден на правата на потрошувачите
Организацијата на потрошувачите на Македонија, по повод 15 март – Светски ден на правата на потрошувачите, организираше онлајн работна средба на тема Поголема доверба кај потрошувачите на финансиските производи и услуги.
На средбата присуствуваа претставници од Агенцијата за супервизија на осигурување, Министерството за финансии, Министерството за економија, Народната Банка на Република Северна Македонија, Македонската Банкарска Асоцијација, како и претставници од друштвата за осигурување, осигурително брокерските друштва, банки и штедилници.
Согласно воспоставената соработка, на средбата беа претставени претстојните активности со Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), со Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) и Македонската Банкарска Асоцијација (МБА).
Областите на соработка се во доменот на поголема информираност на потрошувачите, фер пазарно однесување на финансиските институции и поголема заштита на правата на потрошувачите .
Исто така беа презентирани кредитни калкулатори, кои беа изработени од страна на ОПМ со цел да им помогнат на потрошувачите да донесат информиран избор при земање кредит, предвремено отплаќање на кредит или при одлучување дали да го искористат дозволеното пречекорување на трансакциска сметка или картичка.
Користење на калкулаторите овозможува компаративна анализа со цел потрошувачите да дојдат до најповолно решение, а притоа истите да не бидат комплицирани за употреба и тие треба да бидат дел од стратешката ориентираност кон поголема едукација на потрошувачите при користење на финансиски услуги.
На работната средба беа презентирани и две брошури со цел на потрошувачите да им помогнат во правилен избор на потрошувачки или хипотекарен кредит, како и анализата на правната рамка и институционалните форми за заштита на потрошувачите кај одредени финансиски услуги, со заклучоци и конкретни предлози за унапредување на односот кон потрошувачите корисници на финансиските услуги.
Овие активности на ОПМ се поддржани од страна на ЕУ преку Европската организација за заштита на потрошувачите – BEUC и проектот „Empowering financial services consumers and representing their interests“ (Унпредување на финансиските услуги наменети за потрошувачите и претставување на нивните интереси)