Агенцијата за супервизија на осигурување во посета на средното економско училиште Јане Сандански од Битола: едукација за финансиска писменост и осигурување
Агенцијата за супервизија на осигурување на 23 март, 2026 година оствари посета на средното економско училиште Јане Сандански од Битола, каде што се реализираше едукативна сесија посветена на финансиската писменост и осигурување. Настанот беше насочен кон подигнување на свеста кај младите за значењето на одговорното управување со личните финансии, како и за улогата на осигурувањето како механизам за заштита од ризици.

Преку интерактивен пристап, практични примери и отворена дискусија, учениците имаа можност да се запознаат со основните финансиски концепти, важноста на штедењето и носењето информирани финансиски одлуки. Активно учество зема и наставниот кадар, кој со својата посветеност придонесе за уште поголема вредност на настанот и поттикнување на критичко размислување кај учениците.

Оваа посета претставува дел од пошироките активности на АСО насочени кон едукација на младата популација и јакнење на осигурителната култура. Воедно, таа отвора можности за понатамошна соработка со училиштето, преку организирање на нови работилници, предавања и заеднички иницијативи кои ќе придонесат за континуирано унапредување на знаењата и вештините на учениците во областа на финансии и осигурување.
ВО ЖИВО: Испит за застапници во осигурување 23.3.2026
Испит за застапници во осигурување – теоретски дел 23.3.2026 година
https://www.youtube.com/watch?v=97RMshBcUPA
Глобалната недела на парите 2026 година, 16-22 март, насловена „Разговори за паметно управување со парите“
Агенцијата за супервизија на осигурување, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Народната банка, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, во периодот од 16 до 22 март 2026 година, 14-та година по ред ќе ја одбележат Глобалната недела на парите.

Темата на која е посветена годинешната глобална недела на парите е: „Разговори за паметно управување со парите“ (Smart money talks).
Во рамките на одбележувањето на Глобалната недела на парите, Агенцијата за супервизија на осигурување ќе реализира едукативни активности насочени кон подигнување на финасиската писменост кај младите. Посебен фокус се става на улогата на осигурувањето како важен инструмент за финансиска заштита и управување со ризици. Преку едукативни презентации и интерактивни средби со ученици, се објаснува значењето на осигурувањето, правата на осигурениците и важноста од информирано користење на финансиските услуги.
Во текот на неделата, АСО ќе споделува и едукативни објави на социјалните мрежи со практични информации и совети поврзани со осигурувањето, управувањето со ризици и заштитата на потрошувачите.
Следете не тука: www.aso.mk, www.edukacija.aso.mk, социјални мрежи: facebook, linkedin и instagram.
Со овие активности Агенцијата за супервизија на осигурување го поттикнува развојот на финансиски одговорни генерации и граѓани и ја зајакнува довербата во осигурителниот систем.
Усвоен Извештајот за работењето на Комитетот за финансиска стабилност за 2025 година: Финансиската стабилност е задржана
Комитетот за финансиска стабилност, на седницата одржана на 5 март 2026 година, го разгледа Извештајот за работењето на Комитетот и поткомитетите во 2025 година, при што беше утврдено дека финансиската стабилност е задржана, а финансискиот систем покажува добра отпорност и способност за справување со предизвиците.
Во Извештајот се оценува дека финансиските институции работеа во услови на побрз економски раст, при натамошна неизвесност од светското окружување. Банкарскиот систем и натаму е стабилен и отпорен, при историски највисоко ниво на адекватност на капиталот (од 2006 година наваму), подобрена ликвидносна позиција, раст на депозитите и кредитната активност, зголемена профитабилност и задржан квалитет на кредитното портфолио. Стрес-тестовите упатуваат на солиден капацитет за справување со потенцијални шокови.
Во однос на приватните пензиски фондови, беше заклучено дека тие и понатаму се во фаза на прибирање средства, со ниска изложеност на ликвидносен ризик. При претпазливо инвестирање и соодветна диверзификација, стапките на принос се зголемуваат, особено кон крајот на минатата година.
Осигурителниот сектор бележи натамошен раст на продажбата, со соодветна ликвидност, солвентност и солидна профитабилност, додека останатите сегменти на финансискиот систем (штедилниците, друштвата за лизинг, инвестициските фондови и финансиските друштва) и натаму имаат мал удел и ограничено значење како извор на системски ризик.
Посебно внимание му беше посветено на пазарот на недвижности, којшто и во 2025 година се одликува со силна побарувачка, раст на понудата и двоцифрен раст на цените, над долгогодишниот просек. Во услови на забрзано станбено кредитирање и засилени градежни активности, беше нагласена потребата од внимателно управување со ризиците, заради спречување на прекумерната задолженост и за зачувување на стабилноста.
Во 2025 година, Народната банка примени пакет макропрудентни мерки, со кои ја зголеми стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 1,75% на 2,00% (со примена од четвртото тримесечје на 2026 година), а ги заостри и мерките насочени кон кредитирањето на физичките лица, заради превентивно делување врз потенцијалните ризици во сегментот на домаќинствата и пазарот на недвижности. Истовремено, беше олеснето кредитирањето за купување или изградба на прво живеалиште.
Комитетот ја нагласи потребата од натамошно внимателно следење на ризиците и координирано дејствување на финансиските регулатори, коишто располагаат со соодветни инструменти за навремено реагирање. Финансиската стабилност и натаму е приоритна, а институциите се подготвени да постапуваат соодветно во рамките на своите надлежности и во наредниот период.