АСО, ОПМ и НБРМ со активности за Светскиот ден на правата на потрошувачите
Организацијата на потрошувачите на Македонија, по повод 15 март – Светски ден на правата на потрошувачите, организираше онлајн работна средба на тема Поголема доверба кај потрошувачите на финансиските производи и услуги.
На средбата присуствуваа претставници од Агенцијата за супервизија на осигурување, Министерството за финансии, Министерството за економија, Народната Банка на Република Северна Македонија, Македонската Банкарска Асоцијација, како и претставници од друштвата за осигурување, осигурително брокерските друштва, банки и штедилници.
Согласно воспоставената соработка, на средбата беа претставени претстојните активности со Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), со Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) и Македонската Банкарска Асоцијација (МБА).
Областите на соработка се во доменот на поголема информираност на потрошувачите, фер пазарно однесување на финансиските институции и поголема заштита на правата на потрошувачите .
Исто така беа презентирани кредитни калкулатори, кои беа изработени од страна на ОПМ со цел да им помогнат на потрошувачите да донесат информиран избор при земање кредит, предвремено отплаќање на кредит или при одлучување дали да го искористат дозволеното пречекорување на трансакциска сметка или картичка.
Користење на калкулаторите овозможува компаративна анализа со цел потрошувачите да дојдат до најповолно решение, а притоа истите да не бидат комплицирани за употреба и тие треба да бидат дел од стратешката ориентираност кон поголема едукација на потрошувачите при користење на финансиски услуги.
На работната средба беа презентирани и две брошури со цел на потрошувачите да им помогнат во правилен избор на потрошувачки или хипотекарен кредит, како и анализата на правната рамка и институционалните форми за заштита на потрошувачите кај одредени финансиски услуги, со заклучоци и конкретни предлози за унапредување на односот кон потрошувачите корисници на финансиските услуги.
Овие активности на ОПМ се поддржани од страна на ЕУ преку Европската организација за заштита на потрошувачите – BEUC и проектот „Empowering financial services consumers and representing their interests“ (Унпредување на финансиските услуги наменети за потрошувачите и претставување на нивните интереси)
„Земјоделски осигурителен пул“ за помош на земјоделието од климатските промени
Климатските промени се наметнуваат како сериозна закана за земјоделското производство, а единствено одржливо долгорочно решение за намалување на последиците од климатските непогоди, е државата да имплементира исклучително квалитетен проект за земјоделско осигурување, кој ќе биде конципиран согласно долгогодишното искуство на ТАРСИМ – турската агенција за управување со земјоделскиот осигурителен систем
По тој повод денеска започна тридневна работилница за воспоставување на земјоделски осигурителен пул за воспоставување на одржлив систем за заштита на земјоделците од катастрофалните временски непогоди што всушност се целите на проектот InsuResilience Solution Fund Project и реосигурителната компанија „Еуропа РЕ“. Ова е прв јавен настан со кој започнуваат активностите за овој регионален проект чии носители се Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а вклучена е Агенцијата за супервизија на осигурување како независно регулаторно тело на осигурителниот пазар и други вклучени заинтересирани страни за реализација на проектот.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, на отварањето, истакна дека со воспоставување на земјоделски осигурителен пул, еден вид на земјоделски фонд на осигурување за земјоделството, прв од овој вид во Република Северна Македонија, ќе се овозможи сигурност на земјоделското производство. Од економски аспект, создавањето на земјоделскиот осигурителен пул е важен чекор напред за државата, со што дополнително се приближуваме кон европските стандарди.
Со своето воведно излагање Арјанит Хоџа, министерот за земјоделство истакна:
-Климатските промени се наметнуваат како сериозна закана за земјоделското производство. Со години земјоделците се соочуваат со влијанието на природните непогоди за кои Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Комисијата за штети при Владата на Република Северна Македонија, исплаќа во просек три и пол милиони евра годишно на основ штети од временски непогоди. Токму затоа, решивме дека е време да воспоставиме организиран пристап за прилагодување и заштита на земјоделските производи преку воспоставување на систем на земјоделско осигурување во нашата земја.
Во своето обраќање д-р Крсте Шајноски, претседател на АСО потенцираше дека самостојното осигурување од непосакувани последици од природни непогоди, дава резултати, но тоа се покажа како недоволно, доколку се земе во предвид пошироката територија и обемот на изложеност на овие ризици.
-Тука треба да настапи осигурувањето. Тоа треба да биде решението за овие недостатоци, кои индивидуалните земјоделци неможат да ги надминат, истакна Шајноски.
Во обраќањето г-ѓа Серпил Ѓунар, директорка на турската агенција за управување со земјоделскиот осигурителен сектор (ТАРСИМ) истакна
– Во рамките на информациите што ги добивме, Македонија е земја со исклучително поволни услови за земјоделско производство, каде може да се одгледува широк спектар на растителни производи, а одгледувањето на говеда и овци е вообичаено во одредени региони. Ова се причините зошто е многу важно да управувате со ризиците во земјоделскиот сектор во вашата земја, и чекорите кои ќе ги превземете, изјави Ѓунар.
Земјоделството како стопанска дејност во Македонија во 2020 година учествува со 8,6 % во вкупниот бруто домашен производ на земјата. Околу половина од вкупната територија е земјоделско земјиште, каде преовладува растителното производство. Како единствено решение на долг рок, за намалување на последиците од климатските непогоди, е државата да имплементира ваков исклучително квалитетен проект за земјоделско осигурување, кој ќе биде конципиран согласно долгогодишното искуство на ТАРСИМ. Министерството за земјодество во соработка со Владата и надлежните министерства и институции, посветено ќе работи на воспоставување на овој исклучително значаен систем за земјоделскиот сектор. Се очекува голема поддршка од осигурителната индустрија во насока на целосна заштита на земјоделското производство од непредвидливите климатски непогоди преку соодветно осигурително покритие. Исто така, со помош на Проектот во рамки на InsuResilience Solution Фондот, МЗШВ доби техничка поддршка за реализација на сите потребни активности, сé до воспоставување на системот.
Шајноски: АСО не забранува компаниите да делат дивиденда
Намалените приходи на осигурителниот пазар се еден од клучните фактори за носење на препораката од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување. Директорот на АСО, Крсте Шајноски во интервју за „локално.мк“ дава прецизен приказ на состојбите во овој бизнис во однос на сите негови актуелни аспекти и чинители.
„АСО не забранува компаниите да делат дивиденда туку им препорачува на компаниите кои 2020 година ја завршиле со добивка од работењето да се воздржат од носење одлуки за исплата на дивиденда’’, појаснува Шајноски.
Со оваа препорака Агенцијата им сугерира на компаниите кои лани работеле профитабилно вкупната добивка од 417 милиони денари (на ниво на осигурителна индустрија) да ја пренесат во капиталот и резервите на друштвата.
„Тоа е со цел компаниите да останат солвентни и ликвидни т.е. да останат во добра финансиска кондиција во овие специфични и неизвесни услови на работење предизвикани од глобалната здравствена пандемија.’’, вели Шајноски.
Како неспорен факт ја посочува доследноста на АСО во заштитата на интересите на осигурениците, па оттука и неговиот став дека препораката е всушност порака до осигурениците дека осигурителните друштва ќе ги исполнат навремено и во целост нивните финансиски побарувања и права кои произлегуваат од договорите за осигурување.
НБРМ остави простор, порано да го повлече ограничувањето кое се однесува на банките и дивидендите. Дали истото може да се очекува и од АСО и од што тоа зависи?
-Агенцијата за супервизија на осигурување, согласно со своите надлежности кои произлегуваат од Законот за супервизија на осигурување, даде препорака на осигурителните компании да се воздржат од исплата на дивиденда и за тоа ги информираше осигурителните компании и јавноста. АСО не забранува компаниите да делат дивиденда туку им препорачува на компаниите кои 2020 година ја завршиле со добивка од работењето да се воздржат од носење одлуки за исплата на дивиденда.
Која е причината АСО да даде препорака, осигурителните компании да се воздржат од исплата на дивиденда? Како ја правдате оваа препорака?
-АСО согледувајќи ги состојбите на осигурителниот пазар во актуелниот контекст процени дека постојат неколку објективни околности кои целосно ја оправдуваат препораката за воздржување од исплата на дивиденда. Еден од клучните фактори за носење на препораката е фактот што вкупните приходите од бруто полисирана премија (БПП) на целиот осигурителен пазар лани се намалени за 5 отсто во споредба со претходната година. Дополнително на тоа врз носењето на препораката влијае и тоа што од почетокот на годинава побарувањата на компаниите нема да се признаваат како средства за покривање на техничките резерви на осигурителните друштва.
Со цел зголемување на заштита на правата на осигурениците односно купувачите на осигурителните полиси и истовремено зајакнување на солвентноста и стабилноста на осигурителните компании АСО донесе три суштински значајни правилници чија примена стапи на сила од почетокот на оваа година. Имплементацијата на овие правилници за осигурителните компании ќе значи дополнителни вложување на финансиски средства и на ресурси.
Дали препораката се однесува на сите компании или на тие што 2020 година ја завршиле со пад на приходите? Дали компаниите се обврзани да ја послушаат вашата препорака?
-Препораката се однесува на сите друштва за осигурување кои оствариле добивка од работењето во 2020 година. Од вкупно 16 друштва за осигурување, 14 друштва за осигурување оствариле добивки од работењето во 2020 година, во вкупен износ од 626,6 милиони денари. Компаниите немаат обврска да ја почитуваат препораката.
Каква порака им се испраќа на осигурениците односно на купувачите на осигурителни полиси?
-АСО е независно регулаторно тело на осигурителниот пазар односно АСО е јавен сервис кој ги штити интересите на осигурениците како корисници на услугите на осигурителните компании. Колку внимание системски се посветува на заштитата на интересите на осигурениците доволно говори фактот што Законот за супервизија на осигурување предвидува друштвата за осигурување да одвојуваат најмалку 1/3 од добивката пред оданочување во резерви за сигурност. Тоа има за цел долгорочно покривање на обврските на осигурителните компании кон осигурениците.
Со оваа препорака АСО им сугерира на компаниите кои лани работеле профитабилно вкупната добивка од 417 милиони денари (на ниво на осигурителна индустрија) да ја пренесат во капиталот и резервите на друштвата. Тоа е со цел компаниите да останат солвентни и ликвидни т.е. да останат во добра финансиска кондиција во овие специфични и неизвесни услови на работење предизвикани од глобалната здравствена пандемија.
Со препораката АСО прати јасна порака до осигурениците дека осигурителните друштва ќе ги исполнат навремено и во целост нивните финансиски побарувања и права кои произлегуваат од договорите за осигурување.
Што велат бројките? Колку пари од дивиденда, годишно исплаќаат осигурителните компании?
-Согласно со Законот за трговски друштва акционерите на осигурителните друштва имаа целосна автономија во користење на законското право за тоа како ќе ја распределат добивката од работењето во претходната година. Имаат право да ја реинвестираат, да ја акумулираат како нераспределана добивка и да ја делат како дивиденда.
Податоците за 2019 година покажуваат дека 10 друштва за осигурување оствариле добивки пред оданочување во вкупен износ од 498,5 милиони денари. Од нив дури девет осигурителни компании лани ја почитувале препораката на АСО и се воздржале од исплата на дивиденда.
Извор: lokalno.mk
Финансискиот систем успешно им одговори на минатогодишните предизвици од корона-кризата, регулаторите постојано ги следат состојбите
Одржана седница на Комитетот за финансиска стабилност
Финансискиот систем успешно им одговори на минатогодишните предизвици од корона-кризата. Високите регулаторни барања во периодот пред појавата на корона-вирусот и минатогодишните регулаторни мерки придонесоа за натамошното одржување на неговата стабилност, како и за негова подготвеност за натамошни предизвици. Имајќи предвид дека здравствената криза сѐ уште трае, регулаторите и натаму со особена внимателност ќе ги следат состојбите, приспособувајќи ги своите мерки и пристап заради превентивно делување за натамошно јакнење на финансиската стабилност, а со тоа и на отпорноста на системот на шокови.
Ова се дел од констатациите од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, на којашто беа презентирани првичните видувања и податоци за остварувањата во минатата година и тековната состојба во одделните сегменти од финансискиот систем во земјата, во условите на корона-кризата. Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски.
Осврнувајќи се на движењата во банкарскиот систем во 2020 година, гувернерката Ангеловска-Бежоска уште еднаш посочи дека тој успешно им одговори на минатогодишните предизвици од здравствената криза.
„Банкарскиот систем, во услови на исклучително непредвидлив амбиент, успеа да го одржи кредитниот циклус остварувајќи кредитен раст од 4,7%, којшто беше финансиран од солидниот депозитен раст од близу 6%. Овие остварувања се поддржани од солидната капитална и ликвидносна позиција на системот. Според првичните податоци, стапката на адекватност на капиталот на системот на крајот на минатата година се зголеми на нивото од 16,6%, а ликвидноста традиционално се одржува на солидно ниво со учество на ликвидната актива во вкупната актива од над 30%. Истовремено, квалитетот на кредитното портфолио се подобри, при што учеството на нефункционалните во вкупните кредити на банкарскиот систем е намалено на историски најниското ниво од 3,4%. Сепак, со оглед на тоа дека сѐ уште постои неизвесност од здравствената криза и нејзиното влијание врз реалниот сектор, неопходно е претпазливо однесување и постојано следење на можните неповолни преносни ефекти од реалниот врз банкарскиот сектор преку каналот на кредитен ризик.“ – истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Во контекст на продолженото времетраење на здравствената криза, на седницата беше посочено и на превентивната мерка за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивидендата на акционерите на банките и штедилниците. Притоа, уште еднаш беше нагласено дека со мерката се делува превентивно за натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем и обезбедување солидна кредитна поддршка на граѓаните и компаниите.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, рече дека Министерството за финансии во соработка со Народната банка е на чекор до донесување на нов Закон за финансиска стабилност и нов Закон за платежни услуги и платни системи, со којшто ќе се следат најдобрите практики на Европската Унија и којшто e веќе поставен на ЕНЕР. Бесими посочи и дека и покрај кризата предизвикана од пандемијата, во 2020 година финансиските друштва и давателите на финансиски лизинг ја зголемија вредноста на финансиските пласмани и добивката.
Бесими истакна дека Министерството за финансии ѝ посветува посебно внимание на заштитата на потрошувачите. За таа цел, наскоро ќе започне со работа и работната група составена од членови од регулаторните органи, којашто ќе има многу значајна и одговорна задача – да подготви квалитетно решение за поголема заштита на граѓаните корисници на финансиски услуги.
„И покрај тоа што пазарот на хартии од вредност беше под значителни негативни ценовни притисоци, особено во првиот квартал, тргувањето на Македонската берза се одвиваше непрекинато и уредно и заклучно со 31 декември 2020, сите пазарни параметри го надминаа претпандемиското ниво. Вкупниот годишен промет на домашниот пазар изнесуваше 8,20 милијарди денари, што е зголемување за повеќе од 6% наспроти 2019 година.“ – истакна претседателката на КХВ, Нора Алити.
Анализирано според кварталната динамика, како што посочи Алити, најголемиот дел од годишниот промет, односно речиси 51%, е остварен во првиот квартал од годината. Во текот на 2020 година, резиденти, преку домашни овластени правни лица, вложиле вкупно 56.88 милиони евра на странски пазари.
„Годишно гледано, вредноста на МБИ-10 забележа благ пораст од 1,2%, иако растот не беше дисперзиран, туку предизвикан од вредноста на акциите на само три од десетте друштва коишто го сочинуваат индексот. Нето-вредноста на средствата на инвестициските фондови со кои управувале друштвата за управување, на 31 декември 2020 година, изнесувала 145,5 милиони евра, што во однос на 2019 година претставува зголемување од 3,72%.“ – нагласи претседателката на КХВ.
Првите два месеца од оваа година, како што кажа Алити, укажуваат на позитивни остварувања на пазарот, но и понатаму е потребен проактивен пристап и будно следење на целокупната пазарна инфраструктура, а на моменти доколку се укаже потреба и преземање одредени корективни мерки.
„Во текот на 2020 година, пензиските фондови ја задржаа стабилноста на средствата, и покрај повремените нерамнотежи на пазарите на капитал предизвикани главно од влијанието на пандемијата и на крајот на 2020 година ја надминаа вредноста во однос на минатата година за околу 15,3%. Оттука, и анализираните показатели на МАПАС покажуваат остварување соодветни резултати и остварен принос кај пензиските фондови, што е проследено со регулаторно воспоставено корпоративно управување кај пензиските друштва.“ – истакна претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, осврнувајќи се на состојбите и податоците за капитално финансираното пензиско осигурување.
Во однос на тековното следење на состојбите и потенцијалните ризици, со особено внимание на инвестициските и оперативните ризици, Али посочи дека МАПАС делува во утврдените рамки на пензиските супервизори што се препознаени, посочени и потврдени од Меѓународната организација на пензиски супервизори.
„Финансиската состојба на осигурителниот сектор на крајот од минатата година е подобрена, а друштвата за осигурување се солвентни и ликвидни. Последиците од пандемијата главно беа почувствувани преку падот на склучените договори за осигурување моторни возила за патувања во странство, како и кај патничките осигурувања и осигурувањата на животот.“ – истакна претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски.
Тој посочи дека намалувањето на активноста на осигурителите придонесе за пораст на нивната профитабилност, а дека за порастот на профитабилноста придонесе и промената на регулативата за вреднување на побарувањата врз основа на премии. Минатата година, АСО донесе три системски правилници за работењето на друштвата за осигурување, а неодамна, заради одржување и јакнење на финансиската состојба, солвентноста и ликвидноста во работењето на друштвата, им препорача ним да се воздржат од исплата на дивиденди од добивките остварени минатата година.
„Вкупниот износ на бруто полисирани премии во 2020 година е 10.059 милиони денари, што е годишен пад за 4,8% во споредба со 2019 година (2019: 10.563,3 милиони денари).Вкупната актива на осигурителниот сектор на крајот на минатата година изнесува 25.715 милиони денари и во споредба со состојбата на крајот на годината пред тоа бележи пораст од 7,5%. Значителното учество на вложувањата во финансиски инструменти е задржано и на крајот од 2020 година, што е гаранција за стабилноста на секторот.“ – нагласи Шајноски презентирајќи ги првичните показатели за осигурителниот сектор за минатата година.
На седницата беше истакнато дека минатогодишните остварувања на финансискиот систем ја отсликуваат неговата подготвеност за одговор на предизвиците од кризата, а дека секако и натаму е потребен превентивниот претпазлив пристап и од страна на сите учесници во системот. Сите регулатори постојано го следат развојот на настаните, вклучително и потенцијалните ризици од окружувањето и доколку има потреба, подготвени се соодветно да ги приспособуваат политиките и навремено да преземат дополнителни мерки, согласно со своите надлежности.
Со почит,
КОМИТЕТ ЗА ФИНАНСИСКА СТАБИЛНОСТ
Граѓани, компании и институции во осигурување вложиле 163,7 милиони евра
Граѓани, компании и институции лани купиле осигурителни полиси за животно и за неживотно осигурување во вкупна вредност од 10,06 милијарди денари (163,7 милиони евра), покажуваат официјалните агрегатни податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за состојбите на осигурителниот пазар во 2020 година. На нашиот осигурителен пазар оперираат 16 компании од кои 11 друштва продаваат неживотно осигурување, а 5 се компании за животно осигурување.
Вкупната бруто полисирана премија (вкупна вредност на продадени полиси) лани е за 270,6 милиони денари (4,4 милиони евра) односно 5 отсто пониска од вредноста на продадените полиси во 2019 година, кога сите осигурителни друштва инкасирале 10,58 милијарди денари (172,1 милиони евра) од продажба на полиси. Детални податоци се достапни на следниот линк https://aso.mk/preliminarni-podatoczi-bruto-polisirana-premija-bruto-isplateni-shteti/
Во вкупната продажба на осигурителни полиси друштвата за неживотно осигурување учествувале со 82,7 отсто. Продажбата на полиси од класите на неживотно осигурување изнесува 8,3 милијарди денари (135,4 милиони евра). Друштвата за животно осигурување лани од продажба на полиси наплатиле 460,2 милиони денари (28,3 милиони евра).
Здравствената пандемија лани генерално негативно влијаеше врз националната економија, а тоа се одрази и врз работата на осигурителните друштва. Нивната вкупна продажба на осигурителни продукти се намали за 5 отсто. Но и покрај тоа 14 осигурителни друштва минатата година ја завршиле со добивка во вкупна вредност од 627,3 милиони денари (10,2 милиони евра).
АСО неодамна препорача осигурителните компании да се воздржат од исплата на дивиденда. Препораката има за цел компаниите да останат во добра финансиска кондиција во овие специфични и неизвесни услови на работење предизвикани од глобалната здравствена пандемија, а добивките да ги пренесат во капиталот и резервите со цел да останат солвентни и ликвидни. Проактивниот пристап на АСО преточен во препораката има за цел осигурителните друштва да можат навремено и во целост да одговорат на финансиски побарувања на осигурениците и нивните права кои произлегуваат од договорите за осигурување.
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело, основано во 2009 година, кое го регулира пазарот за осигурување и се грижи за заштита на правата на осигурениците и развој на перцепцијата за значењето на осигурувањето.
АСО им препорача на осигурителните компании да не делат дивиденда
Падот на приходите на осигурителните компании за 5 отсто лани, трошоците за имплементација на повисоки стандарди за заштита на осигурениците и зајакнување на солвентноста на компаниите, како и промени во правилата за пресметка на технички резерви се клучните причини за оправданоста на препораката на АСО
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) им препорача на осигурителните друштва кои 2020 година ја завршиле со добивка оваа година да се воздржат од исплата на дивиденда. Препораката денеска е испратена до сите осигурителни компании на домашниот пазар за осигурување.
АСО согледувајќи ги состојбите на осигурителниот пазар во актуелниот контекст одлучи дека постојат неколку објективни околности кои целосно ја оправдуваат препораката за воздржување од исплата на дивиденда. Еден од клучните фактори за носење на препораката е фактот што вкупните приходите од бруто полисирана премија (БПП) на целиот осигурителен пазар лани се намалени за 5 отсто во споредба со претходната година. Дополнително на горенаведеното врз носењето на препораката влијае и тоа што од почетокот на годинава побарувањата нема да се признаваат како средства за покривање на техничките резерви на осигурителните друштва.
Со цел зголемување на заштита на правата на осигурениците односно купувачите на осигурителните полиси и истовремено зајакнување на солвентноста и стабилноста на осигурителните компании АСО донесе три суштински значајни правилници чија примена стапи на сила од почетокот на оваа година. Имплементацијата на овие правилници за осигурителните компании ќе значи дополнителни вложување финансиски средства и ресурси.
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело, основано во 2009 година, кое го регулира пазарот за осигурување и се грижи за заштита на правата на осигурениците и развој на перцепцијата за значењето на осигурувањето.