Најголем предизвик во овој момент е нелојалната конкуренција
Агенцијата ќе се реорганизира, бидејќи моменталниот пристап во кој сите субјекти се третирани еднакво, со ист интензитет и зачестеност, независно од изложеноста на ризик, степенот на адекватност на капиталот и ефикасноста во функционирањето на системот за внатрешна контрола, се покажа неадекватен за условите и целите кои сакаме да ги постигнеме. До сега фокусот на супервизијата беше на извештајите за работата во минатото. Надзорот сега од субјектите ќе бара да го објаснат своето видување на иднината, а Агенцијата ќе настојува да спречува, а не да казнува
Агенцијата за супервизија на осигурување во следниот период ќе работи на градење на нов супервизорски пристап заснован на ризици, кој ќе идентификува и поттикнува здраво работење како во поглед на одржување на солвентноста и финансиска стабилност на друштвата за осигурување така и во поглед на нивното пазарно однесување, транспарентност и фер однос кон осигурениците. Во рамки на своите надлежности, Агенцијата ќе обезбеди целосна транспарентност на позитивните корпоративни пракси и јавно признание кога задоволството на осигурениците од користењето на осигурителните услуги е неспорно, а тоа е постигнато без нарушување на финансиската состојба и солвентноста истакна претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Крсте Шајноски.
Веќе седум месеци ја извршувате функцијата претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување во РСМ. Дали го менувате курсот и како ја гледате улогата на Агенцијата во креирањето на можностите за раст и развој на осигурителниот пазар во РСМ?
Улогата на регулаторот во претстојниот период ќе ја димензионираме да биде непристрасен, објективен, стручен и навремен учесник на пазарот на осигурување со функција на судија-делител на правдата, кој ќе промовира еднакви правила на игра за сите пазарни учесници. Во исто време интензитетот и робустноста на супервизијата ќе се дозира во зависност од општиот ризичен профил на субјектите, нивното разбирање за ризиците и управување со истите. Ќе се фокусираме јасно да го детектираме пазарно однесување на учесниците, пред сè кон осигурениците и корисниците на осигурување, и тоа како при склучувањето на договорите за осигурување така и при приемот, обработката и решавањето на барањата за надомест на штети и осигурени износи. На тој начин Агенцијата ќе биде во функција на развој на динамичен, конкурентен, стабилен и транспарентен пазар на осигурување на кој ќе бидат понудени исти, или слични, осигурителни услуги што се нудат на развиените пазари, по исти или слични услови, и по цени достапни како за сегашните, така и за голем број на нови осигуреници,
Истакнавте дека фокусот ви е обезбедување на динамичен , конкурентен, стабилен и транспарентен осигурителен пазар. Како планирате да обезбедите раст на осигурителниот пазар, во услови на изложеност на високи ризици во општеството?
Растот на осигурителниот пазар е тесно поврзан со постојан развој на осигурувањето и со сè поголемо негово ширење како дејност. Развојот на пазарот подразбира и здрава конкуренција која носи голем број предности и придобивки за граѓаните и воедно ќе поттикне поголем обем и разновидност на услуги кои би биле достапни на граѓаните по поволни цени.
Во моментов мерено со останатите земји , осигурителниот пазар во РСМ е еден од најнеразвиените пазари во Европа, што само по себе преставува дополнителен предизвик за новиот менаџмент да работи на негов раст и развој.
Сметам дека во прв план треба да ги истакнеме сите ризици на кои е изложено нашето општество во целина, што вклучува сектор население, претприемачи, мали и средни претпријатија, големи корпорации и државата и јавниот сектор. Потоа треба да ја истакнеме дистрибуцијата на настанување на ризиците изминатите години и штетите што биле предизвикани по населението и по имотот, и колкав процент од истите биле осигурени и исплатени од друштвата за осигурување. Овие податоци ќе покажат уште полоши индикатори за степенот на развој на осигурувањето во Македонија. Ова несомнено води кон потреба од градење на Национална стратегија за развој на пазарот на осигурување, која треба да биде заснована на општи заеднички интереси, како на приватниот сектор така и на државата, со цел по десет и повеќе години да можеме да зборуваме дека осигурувањето во земјата е развиено на исто или слично ниво како осигурувањето во земјите членки на ЕУ и пошироко, на меѓународните финансиски пазари.
Дали тоа значи дека Агенцијата за супервизија на осигурувањето се подготвува за нов пристап на функционирање?
Токму така, Агенцијата за супервизија на осигурување во следниот период ќе работи на градење на нов супервизорски пристап заснован на ризици, кој ќе идентификува и поттикнува здраво работење како во поглед на одржување на солвентноста и финансиска стабилност на друштвата за осигурување така и во поглед на нивното пазарно однесување, транспарентност и фер однос кон осигурениците. Во рамки на своите надлежности, Агенцијата ќе обезбеди целосна транспарентност на позитивните корпоративни пракси и јавно признание кога задоволството на осигурениците од користењето на осигурителните услуги е неспорно, а тоа е постигнато без нарушување на финансиската состојба и солвентноста. Тоа ќе стимулира натпревар помеѓу субјектите на пазарот за подобро задоволување на интересите на осигурениците, и додавање на вредност на корпоративниот имиџ, преку јавно признание на нивните деловни политики. Но, Агенцијата истото ќе го прави и доколку идентификува развој на негативни корпоративни појави кои ја нарушуваат финансиската стабилност на секторот, даваат погрешни и нецелосни информации за осигурителните услуги и влијаат на влошување на репутацијата на осигурителните услуги. Агенцијата ќе ги користи сите законски овластувања, и ќе предлага измени во постојните закони, со цел фундаментално да го смени курсот на супервизијата на осигурување, и истата да ја постави на нови патеки во смисла на антиципирање на ризиците по осигурителниот сектор и навремено справување со истите. Агенцијата ќе воспостави еден нов дијалог со сите пазарни учесници, кој дијалог во фокусот ќе ја има иднината, и во кој дијалог на јасен и едноставен начин ќе им бидат соопштувани на пазарните учесници очекувањата кои Агенцијата ќе ги има од нив, било да се тоа друштвата за осигурување, осигурително брокерските друштва, друштвата за застапување во осигурување, банките кои вршат дејност на застапување во осигурување и Националното биро за осигурување, кое да не заборавиме дека врши дејност која не е само од интерес на корпорациите кои го основале, туку е од интерес пред се на сите нас, кои сме учесници во меѓународниот, но и домашниот, патен сообраќај.
Во овие услови , неминовно се наметнува и прашањето за тоа како осигурителниот пазар се справува со последиците од COVID-19 и кои мерки ги презеде Агенцијата за да санира дел од негативните последици?
Веднаш по прогласувањето на пандемијата и објавата на вонредната состојба во државата, Агенцијата за супервизија на осигурување воспостави интензивна комуникација со сите субјекти на осигурителниот сектор со цел да ги идентификува потенцијалните закани по континуитетот во работењето. Агенцијата ги стопираше сите почнати прекршочни постапки против субјектите на надзорот, за наоди утврдени од порано. Агенцијата ги извести субјектите на супервизија дека ќе овозможи доцнење во исполнувањето на обврските за известување. Теренските супервизии се одложија на неодредено време.
Веднаш по прогласувањето на вонредната состојба во земјата, на предлог на друштвата за осигурување, Агенцијата донесе сет на правилници со кои ги измени постојните правила кои регулираа одредени аспекти од работењето кои се однесуваат на вреднување на побарувањата по основ на премии, дозволени категории на средства кои ги покриваат техничките резерви, обработката на штети, со цел да им овозможи на друштвата за осигурување да ги амортизираат првичните шокови од намалената продажба по финансискиот резултат, солвентноста и ликвидноста во работењето. Овие измени им овозможуваат на друштвата за осигурување да бидат пофлексибилни кон осигурениците, без притоа да претрпат загуби поради барањата на регулативата да вршат исправки на вредност на побарувањата.
Планираните обуки за застапници во осигурување и осигурителни брокери исто така се одложени на неопределено.
Во овој контекст, никој не може со сигурност да тврди што ќе се случува во наредните години. Секако како регулаторен орган надлежен за пазарот за осигурување будно ќе ги следиме состојбите и во рамките на нашите надлежности ќе ги преземеме сите потребни мерки со цел да се амортизираат ударите од „невидливиот непријател“, а притоа да не се загрози стабилноста и квалитетот на осигурителниот пазар.
Во контекст на претходното прашање имате ли податоци како функционирала продажбата на полиси во изминативе два месеци?
Имајќи ги предвид нашите прелиминарни анализи за првиот квартал од 2020 година позитивни се параметрите. Бруто полисираната премија во вкупното осигурително портфолио бележи раст од 4,50% споредено со првиот квартал од 2019 година. Во двата сегменти се забележува раст, осигурување на живот од 4,30 %, неживотно осигурување од 4,54%. Гледано по класи на осигурување, раст е забележан во класите пожар и други опасности од 9,16%, АО од 0,16%, општа одговорност од 3,55%, додека опаѓање на премијата е забележано во класата каско моторни возила од 2,51%.
Во однос на исплатата на штети во анализираниот период, во вкупното портфолио забележан е раст од 0,51% (+30,81% во сегментот на осигурување живот, – 2,55% во сегментот на неживотно осигурување).
Сепак овие податоци не се пресудни и доволни да се извлече заклучок какви би биле резултатите до крајот на деловната година, имајќи предвид дека вонредната состојба во земјата беше прогласена при крајот на првиот квартал од оваа година.
Според информациите кои ги добиваме од пазарните учесници, неспорно е дека ќе има пад на продажбата до крајот на годината. Најпогодени ќе бидат патничките осигурувања и зелените карти кои обезбедуваат покритие за моторните возила кои патуваат во странство. Вкупниот пад на премиите се очекува да биде околу 20%. И покрај негативните проекции за трендот на полисирана премија за 2020 година, сепак, не очекуваме влошување на профитабилноста на осигурителниот сектор, напротив очекувањата се дека истата ќе биде дури и подобрена, имајќи предвид дека и на страната на трошоците од работење има големи намалувања, и тоа како во поглед на пријавените осигурени случаи и штети, така и во поглед на административните и аквизициските трошоци од работењето.
Тука би сакал да истакнам дека, некои друштва за осигурување ја препознаа оваа состојба како можност да понудат проширување на постојните осигурителни покритија со вклучување на ризикот болест и/или смрт поради болеста COVID-19, на постојните полиси, како и на ново склучените полиси, по истите цени.
Дали е зголемена on-line продажбата и дали тоа ќе влијае на промена на навиките на потрошувачите и воведување на нови методи на работа на субјектите ?
On-line продажбата на осигурителниот пазар се уште не е застапена во голема мера. Малку осигурителни производи се on-line достапни за потрошувачите од страна на мал број осигурителни субјекти. Но, имајќи предвид дека информациските технологии динамички го трансформираат современото општество и во вакви услови осигурителниот сектор е поставен пред предизвикот за следење и адаптирање кон новите трендови и промени, тоа за друштвата за осигурување ќе значи дека ќе имаат потреба да ги менуваат и прилагодуваат своите бизнис модели, да усвојуваат нови технологии, да применуваат дигитални алатки и да поттикнуваат култура на промени во своето работење, не само при склучувањето на договорите за осигурување, туку и при приемот и обработката на штетите и барањата за надомест на осигурените суми. Фокусот на клиенти и нивните потреби, новите начини на продажба, брзата испорака и квалитет на услугите неминовно ќе бара постигнување на висока компетентност на вработените во компаниите и примена на нови методи на работа и постапување нови задачи. Овде би потенцирал дека за нас како регулатор, битно е и зголемување на едукацијата и познавањето за осигурителните производи од страна на потрошувачите. Сите истражувања покажуваат дека финансиската писменост ни е на исклучително ниско ниво, што само по себе и дава одговор на прашањето зошто немаме развиено on-line продажба на ниво на кое треба да ја имаме. Дополнително, осигурителните компании сеуште ги користат класичните модели на продажба што секако негативно се одразува врз вкупната продажба на полисите, но и на on-line продажбата.
Во секој случај и за ниското ново на финансиска писменост и on-line продажбата не се виновни осигурениците. Се работи за системски проблем кој мора да се решава на релација регулатор, осигурителни компании, брокерски друштва и тоа со единствена цел, со зголемувањето на писменоста се зголемува продажбата на полиси, а со тоа добиваат и осигурениците и субјектите на осигурителниот пазар.
Какви се Вашите првични впечатоци во однос на предизвиците со кои се соочуваат друштвата за осигурување? Кои се, во основа, нивните барања?
Моите впечатоци се дека друштвата за осигурување сакаат стабилно и предвидливо окружување. Сакаат стабилни макроекономски индикатори, фискална и монетарна политика, политика на девизни курсеви, даноци. Сакаат објективен и непристрасен регулатор кој ќе суди непристрасно и ќе поддржува развој на пазар на осигурување кој ќе ги казнува лошите корпоративни пракси и ќе креира амбиент добрите деловни пракси да бидат наградени. Најголем предизвик во моментов е нелојалната конкуренција, која особено доаѓа до израз при наддавањето со цени за осигурителни услуги во постапки на јавни набавки од страна на државни органи и институции. Се надевам дека на овие предизвици заедно ќе одговориме на фер и транспарентен начин, и повторно ќе истакнам дека колку повеќе работиме на едукација толку полесно ќе ги надминеме предизвиците. Сепак, сметам дека осигурувањето своето значење го добива при настанување на осигурените ризици, кога треба да се исплати надоместот за штетите што се предизвикани од настанувањето на осигурените ризици. Оттука, треба постојано да потенцираме, да едуцираме, сите што се вклучени на страната на понудата на осигурување, и ние како регулатор, дека наддавањето со цени на осигурување во постапки на јавни набавки може да биде многу опасно по остварувањето на фундаменталните цели на осигурувањето, а тоа е да обезбеди осигурително покритие во сите случаи за кои осигуреникот не е во состојба на друг начин да се заштити од ризиците.
Кои се вашите планови за следната година и дали веќе ги имате драфтирано приоритетите за 2021 кој ќе мора да ги реализирате како Агенција за супервизија на осигурувањето во РСМ?
До 2021 година имаме уште 5 месеци неизвесност. За да имаме по прецизни очекувања за следната година треба да поминеме низ турбулентен период од неколку месеци исполнет со многу неизвесности, не само гледано директно од аспект на развојот на осигурителниот пазар, туку и развојот и начинот на справување со ковид вирусот кој очигледно ќе биде уште догледно време со нас.
Приоритети за Агенцијата во 2021 година ќе бидат неколку процеси на кои ќе посветиме еднакво внимание и енергија. Прво, Агенцијата активно ќе соработува со Министерството за финансии во подготвувањето на новиот Закон за осигурување со цел усогласување со ЕУ регулативата – Солвентност 2,како и усогласување со Директивата за дистрибуција на осигурување.
Второ, Агенцијата ќе се посвети во внатрешно реорганизирање со цел да го промени досегашниот пристап на супервизија кој се базира на т.н. ex post контрола на усогласеност со прописите, со цел да воспостави нов пристап на супервизија базирана на ризици. Ова веруваме дека ќе придонесе во зајакнување на непристрасноста во постапките, бидејќи досегашниот пристап, во кој сите субјекти беа третирани еднакво, со ист интензитет и фреквенција, без разлика на изложеноста на ризици, степенот на адекватност на капиталот и ефективност во функционирањето на системите на внатрешни контроли, односно пристапот one-size-fits-all се покажа како несоодветен за условите и целите кои сакаме да ги постигнеме. Досега фокусот на супервизијата беше ставен на извештаите за работење во минатото. Сега супервизијата ќе бара од субјектите да ги објаснуваат нивните погледи за иднината, а Агенцијата ќе настојува да превенира, наместо да казнува. Супервизијата ќе бара од осигурителите поголема транспарентност за услугите на осигурување и грижа за осигурениците. Агенцијата ќе се стави во функција на бесплатна реклама на осигурувањето во сите случаи на јавно признание на задоволство на осигурениците од користите кои ги добиле од осигурувањето. Агенцијата ќе поттикнува транспарентност.
Трето, Агенцијата ќе бара од друштвата за осигурување поголема транспарентност за нивната финансиска состојба и солвентност, управувањето и системите на внатрешни контроли, но и за нивните производи и осигурителни покритија кои се нудат. Агенцијата ќе ја интензивира комуникацијата со друштвата за осигурување со цел да го потенцира јазот што постои помеѓу реалните потреби за осигурување во економијата и постојната понуда, со цел да се размислува и во оваа насока.
Несомнено е дека услугите на финансискиот пазар, особено на небанкарските финансиски институции во многу елементи се блиски и конкурентни, и меѓусебно поврзани.
Оттука, паралелно со усогласувањето на стандардите на функционирање со земјите од ЕУ, од 2021 ќе мора да се фокусираме на подготвување на теренот за обединување на трите регулатори АСО, Комисија за хартии од вредност и МАПАС во еден силен и квалитетен регулаторен орган. Убеден сум дека на тој начин ќе обезбедиме регулатор кој во исто време ќе може да го контролира, регулира, но и развива пазарот на капитал со многу побрза динамика. Таквиот регулатор ќе функционира поефикасно, со што ќе се отвори простор да се развијат сеуште неразвиените финансиски институции и да се воведат нови финансиски инструменти во силно развиениот банкоцентричен финансиски систем.
Najveći izazov u ovom trenutku je nelojalna konkurencija