Претставници на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) учествуваа на 23-тата Конференција на регулаторни тела за супервизија на осигурување на државите од централна, источна и југоисточна Европа (CESEE ISI)
Конференцијата беше одлична можност за размена на искуства и знаења за актуелни теми од областа на осигурувањето со особени акценти на: предизвиците со примената на меѓународниот сметководствен стандард ИФРС 17 (IFRS 17), процесот ОРСА (ORSA) и принципите за основаност на вложувањата во крипто валути.

Ели Дракуловска, претседател, Александра Дранговска и Горан Здравковски членови на Советот на експерти и Маја Парнарџиева – Змејкова, координатор на Стручната служба за супервизија, покрај учеството на конференцијата остварија и билатерални средби за унапредување и продлабочување на соработката со претставници на супервизорските органи на земји од нашиот регион.


Конференцијата, во организација на Централната банка на Унгарија (Magyar Nemzeti Bank), се одржа на 26 и 27 февруари годинава во Будимпешта.
Финансиска едукација: Посета на студенти од Американ колеџ – Скопје
Агенцијата за супервизија на осигурување во рамки на активностите за финансиска едукација и подигање на свеста за значењето на осигурувањето, во своите простории ги пречека студентите од трета година од Американ колеџ Скопје предводени од професорот Игор Србиноски.

Со надлежностите и активностите на регулаторот АСО присутните студенти ги запознаа Ратка Целаковски и Горан Здравковски, член на Советот на експерти. Воведните излагања за надлежностите и активностите на АСО, важноста на осигурувањето и зајакнувањето на финансиската едукација кај студентите предизвикаа интерес за прашања и интеракција на теми од областа на осигурувањето. Студентите активно учествуваа со прашања и примери и покажаа интерес за понатамошно истражување и учење во оваа област.
Исто така, АСО во рамки на овие средби редовно ги охрабрува студентите својот кариерен развој и раст да го продолжат во Македонија.
Реализираната средба ги зајакнува односите со академската заедница. Продолжуваме со слични средби во иднина за продлабочување на знаењето за осигурувањето, зајакнувањето на финансиската писменост кај младите со цел создавање солидна основа за донесување информирани и одговорни финансиски одлуки, што може да има долгорочни позитивни ефекти на животот на младите и на нивната можност за финансиска независност и успех.
По повод „Деновите на финансиска писменост“: Награди, пофалници и благодарници за најкреативни ученички творби
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) во рамки на своите континуирани активности за зголемување на јавната свест за потребата и значењето на финансиската писменост за осигурувањето меѓу младата популација и годинава додели награди и признанија на ученици за најкреативни творби со кои се отсликува значењето на осигурувањето.








По тој повод денеска во АСО гостуваа средношколци кои беа автори на есеи со најкреативни пораки кои го отсликуваат значењето на осигурувањето. На работилницата што ја посветивме на значењето на финансиската писменост во областа на осигурувањето со нив и нивните наставници разговаравме за нивното искуство и потребата за осигурувањето, како и за вклученоста на осигурувањето во образовниот процес.
Разменивме искуства и идеи за подобрување на ефектите од кампањите за финансиска едукација кои АСО редовно ги прави за подигање на свесноста за потребата од осигурување.
Воедно со учениците од кои поголем дел ќе бидат идни студенти разговараме и за нивните идни планови и за перспективите што ги нуди образованието и вработувањето во Македонија.
Со овој настан АСО ги заврши активностите по повод „Деновите на финансиска писменост“, а воедно успешно го реализираше 13 по ред Конкурс за избор на теми по повод 1 ноември – денот на осигурувањето. На темите „Осигурувањето ме заштитува од ризици“ , „Моја инвестиција – полиса за осигурување“ и „Животот е полн со изненадувања, осигурувањето е моја финансиска сигурност“ годинава АСО доби повеќе од 150 цртежи, песни и есеи од ученици на возраст од 6 до 17 години од неколку десетици основни и средни школи од повеќе градови и населени места ширум земјава.
На конкурсот беа наградени вкупно 9 творби (по три за есеј, песна и цртеж), а беа доделени 44 пофалници на талентирани ученици. За наставниците ментори на учениците беа доделени 32 благодарници.
АСО во рамки на своите активности по повод Деновите на финансиска писменост во ноември посетува училишта во кои преку соодветни форми на интерактивна комуникација едуцира ученици за значењето на осигурувањето, учествува на ТВ емисија од едукативен формат и публикува содржини на социјалните мрежи со изразена едукативна компонента за атрубитите на осигурителните производи и за заштитата на правата на осигурениците.
АСО пружа можност за едукативни посети и интерактивни предавање за сите училиште на теми од областа на финансиска едукација во осигурувањето, а податоците се достапни на веб страницата на АСО.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.