Оваа новина ја предвидува трипартитниот меморандум за соработка кој денеска го потпишаа АСО, Економскиот факултет и здружението на осигурителни компании. Воедно по повод одбележување на националниот ден на осигурувањето АСО додели награда на млад научник за најдобар научно-истражувачки труд од областа на ризици во осигурувањето во вредност од 80.000 денари. Во склоп на настанот се одржаа и панел дискусии на кои претставници на индустријата и регулаторот разменија мислења и изнесоа ставови за најголемите предизвици за растот и развојот на осигурувањето и за заштитата на осигурениците

 

Девет најдобри студенти во четврта година на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје ќе добијат стипендии од осигурителни компании. Оваа новост ја предвидува трипартниот Меморандум за соработка што денеска, на Националниот ден на осигурувањето – 1 ноември, на Економскиот факултет, го потпишаа проф.д-р Крсте Шајноски претседател на Совет на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), проф.д-р Предраг Трпески, декан на Економски факултет и Ѓорѓе Војновиќ, претседател на Здружението на финансиски организации при СКСМ, кој воедно е и генерален директор на Триглав Осигурување А.Д.

Иницијативата на АСО за стипендирање на студенти доби поддршка од Економскиот факултет и беше прифатена од следниве девет осигурителни компании: Триглав Осигурување, Кроација осигурување – неживот, Еуролинк, Граве Неживот, Халк Осигурување, Евроинс, Сава Осигурување, Кроација осигурување – живот и Граве. Секоја од компаниите ќе додели по една годишна стипендија во денарска противвредност на 1.000 евра.

Во своето обраќање Шајноски потенцираше дека е задоволен од одзивот на компаниите на иницијативата на АСО за стипендирање студенти и дека со тоа учесниците на осигурителниот пазар покажале високо ниво на општествена одговорност.Обраќајќи се пред присутните тој им порача на студентите:
– Ние сме овде за вас! Затоа што вие сте најквалитетната долгорочна осигурителна полиса за сите нас. Вие апсолутно го заслужувате нашето целосно внимание, грижа и посветеност затоа што вие, студентите, сте иднината на нашата земја.

Во своето излагање деканот Трпески осврнувајчи се на меморандумот истакна:

– Прво, наши студенти да отпочнат да реализираат практична настава во Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Здружението на осигурители и останатите осигурителни компании кои оперираат на националниот осигурителен пазар и да се стекнат со нови знаења но и можност за вработување во овој сектор. Со тоа им се отвора перспективата да бидат активни партиципиенти во идниот развој на осигурителниот пазар во земјава. Второ, претставници на институции од осигурителната индустрија активно да се вклучат со практични примери во наставата на Економскиот факултет – Скопје и да пренесат практични знаења на нашите студенти. Трето, Економскиот факултет – Скопје активно да се вклучи во надградбата на националната осигурителна култура, како еден од факторите за креирање на поволно бизнис окружување и поттикнување на инвестициите во македонската економија.

Обраќајќи се пред присутните Ѓорѓе Војновиќ како претставник на осигурителниот бизнис подвлече дека едукација е алатката, што ги руши сите бариери и е основата за развој и раст, како индивидуален, така и на општеството во целина.
-Едукацијата на јавноста е во основата на развојот на осигурителната индустрија, токму затоа, вложуваме напори за етаблирање и унапредување на финансиската едукација на младите. Како индустрија одиме и чекор натаму, имајќи ги предвид моќта и потенцијалот, што образованието ги нуди во развојот на секој поединец. Затоа, со задоволство ја поддржавме и се приклучивме на иницијативата за стипендирање на студенти на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје. Сметаме дека ова е вистинскиот начин за развој на квалитетен кадар во доменот на осигурувањето, што ултимативно, како иницијатива, ќе придонесе кон натамошен развој на осигурителната индустрија, во чекор со светските трендови.”

Во склоп на оваа манифестација за одбележување на националниот ден на осигурувањето се одржаа и две панел дискусии. На првиот панел Шајноски, Војновиќ и Оливера Клинчарова, претседателка за здружението на осигурителни брокери дискутираа на актуелни теми поврзани со растот и развојот на осигурувањето како и за предизвиците кои врз оваа дејност ги наметнува инфлацијата предизвикана од глобалните растечки цени пред се на енергенсите.
На вториот панел Злате Симоновски, член на Советот на експери на АСО, Ана Клетничка, директор за штети во „Евроинс осигурување“ и Христо Кондовски, претставник на  осигурително-брокерското друштво „СН Брокер“ дискутираа на, секогаш актуелната тема, за заштита на правата на осигурениците која е основа за раст на културата на осигурување.

Во рамки на настанот беше презентиран и наградениот научно-истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување за кој АСО, традиционално низ годините, доделува награда. Автор на наградениот труд, годинава, е младиот научник м-р Филип Пеовски асистент на катедрата по математика и статистика на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје. На настанот Шајноски на Пеовски, во име на АСО, му додели плакета и награда од 80.000 денари.

1 ноември е национален ден на осигурувањето, а воедно е и денот на кој, пред 13 години почнала со работа Агенцијата за супервизија на осигурувањето. АСО е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.