Одржувањето на финансиската стабилност на земјата е приоритет. Финансиските регулатори постојано работат на унапредување на анализите и на следењето на системските ризици, согласно со највисоките меѓународни стандарди. Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за финансии, Нина Ангеловска, претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Климе Попоски и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Максуд Али, на денешниот состанок на финансиските регулатори, посочија дека се спроведуваат најдобрите практики од овој домен, во согласност со препораките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ) во рамки на Програмата за проценка на финансискиот сектор (мисија ФСАП).

Во дискусијата на работниот состанок, акцентот беше ставен на активностите што се преземаат од регулаторните институции, поединечно и заеднички, за успешно усогласување со европските директиви и препораките од мисијата ФСАП. Уште на почетокот на средбата беше искажана целосна подготвеност на сите институции за спроведување на овие активности, по што поконкретно се разговараше за динамиката на нивното спроведување. Беше нагласено дека е добро и активностите да се одвиваат синхронизирано, со цел во претстојниот период координирано да се развиваат механизмите преку кои дополнително ќе се зајакнува стабилноста на финансискиот систем.

На средбата се разговараше и за потребата од продлабочување и формализација на соработката меѓу финансиските регулатори, заради воспоставување соодветна макропрудентна рамка, согласно со директивите на ЕУ и препораките на мисијата ФСАП. Во однос на ова, Народната банка презентира предлог-текст на Меморандум за соработка, којшто во најскоро време би требало да биде потпишан. Со тоа се потврдува заложбата кај регулаторните институции и нивната цврста решеност за воспоставување уште поуспешна соработка за јакнење на стабилноста и на прудентноста на нашиот финансиски систем.

Исто така, на состанокот беше посочено дека успешно е започнат и процесот за јакнење на заштитата на потрошувачите, односно корисниците на финансиските услуги, согласно со најдобрата европска практика.

Заокружувањето на низата активности поврзани со натамошното јакнење на домашната регулатива и на супервизорските практики на регулаторните институции ќе обезбеди дополнителни гаранции за отпорноста на нашиот систем и за неговата уште поголема подготвеност за апсорбирање на потенцијалните шокови.