Актуарски предизвици во претстојната либерализацијата на задолжителното автомобилско осигурување и нивниот придонес во финансиска инклузија се главните теми на големата меѓународна конференција која на едно место собра повеќе од стотина актуари и стручњаци од земјава, регионот и светот.
Станува збор за дводневната „2022 CEE & SEE Regional Actuarial Insurance Conference, First Congress Actuaires du Monde“ која денеска и утре се одржува во Скопје во организација на непрофитната меѓународна организација „Актуари на светот“ во која како ко-организатори учествуваат Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) и македонското актуарско здружение „Актуар“.
На отварањето на конференцијата денеска пред присутните претставници на македонската осигурителна индустрија, високи претставници на финансиските регулатори и стручњаци од странство и од регионот се обратија Фатмир Бесими, министерот за финансии и Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО.
Бесими пред присутните истакна дека особено значајно ќе биде да се соочат ризиците и придобивките од либерализацијата на осигурувањето од автоодговорност со цел да се избере најдобриот пат за постигнување на оваа цел, која истовремено подразбира и усогласување на нашата земја со прописите и праксата на ЕУ.
– На оваа конференција се разговара за навистина актуелна тема на која ќе бидат разменети искуства на претставници од стручната фела, а Министерството за финансии е секогаш подготвено да ги слушне експертите и нивните искуства и да ги согледа ефектите што ќе ја има либерализацијата за оваа класа на осигурување, која учествува со 41 % во вкупната бруто полисирана премија, рече министерот Бесими.
Во своето обраќање Шајноски говореше за значењето на актуарската професија за осигурителната индустрија и за активностите кои АСО ги превзема за зголемување на институционалниот капацитет на осигурителните компании преку актуелната обука за актуари. Осврнувајќи се на значењето на претстојниот процес за либерализација на осигурувањето од автомобилска одговорност Шајноски потенцираше:
– Либерализацијата за АСО ќе донесе повеќе обврски во однос на континуираното следење на финансиското здравје и капиталните можности на компаниите за осигурување. Важно е како краен резултат на овој исклучително важен процес, во координација во Министерството за финансии и Владата, да го дадеме правото на избор на осигурениците, а притоа и понатаму да имаме финансиски здрави осигурителни компании и задоволни корисници.
Таргет групата на посетители на конференцијата не се само актуарите, туку и поширок спектар на учесници од осигурителната заедница, претставници од пензиските друштва и креаторите на економските политики во земјата и странство. Затоа што работата на актуарите станува сé покомплексна и треба да има централно место во организационата поставеност друштвата за осигурување.
Актуари на Светот е непрофитна организација регистрирана во Франција во ноември 2020 година со мисија да овозможува привремена и доброволна помош на земјите во развој на кои им се потребни ресурси во областа на актуарството и управувањето со ризици.
Македонското Актуарско Здружение „Актуар” е стручна организација чија намера е да ги унапредува актуарските дисциплини, нивната практична примена и стручното усовршување и образование на актуарите.
Повеќе информации за конференцијата на следниот линк https://bit.ly/3DjiXWw