Агенцијата за супервизија на осигурување, во соработка со Светска Банка и Европското Тело за Осигурување и Пензиски Фондови (EIOPA), на 6-ти и 7-ми октомври 2016 година организираа работилница на тема Ризично базирана супервизија (Risk Based Supervision Workshop) во Охрид. За првпат ваков вид на настан е организиран во соработка со регулаторен орган од земја која не е членка на Европска Унија.

Целта на работилницата беше учесниците да се запознаат со начинот на спроведување ризично базирана супервизија, што е задолжително барање согласно Директивата Солвентност 2, која од 01.01.2016 година почна да се применува од страна на земјите членки на Европската Унија.

На работилницата учествуваа 65 претставници од супервизорски регулаторни тела од 22 европски земји (Австрија, Португалија, Ирска, Естонија, Германија, Полска, Турција, Данска, Литванија, Малта и др.). Презентери и панелисти беа истакнати експерти од Светска банка, ЕIOPA и различни супервизорски регулатори од Европа.

На работилницата беа организирани панел дискусии на различни теми од областа на супервизијата на осигурување, како на пример: процесот на супервизија согласно директивата Солвентност 2, корпоративно управување, супервизорски колеџи.

Исто така, на работилницата беа презентирани искуствата на регулатори од  Европската унија и регулатори од земји кои не се членки на ЕУ во врска со спроведување на супервизија врз основа на ризици, како и идните предизвици за осигурителниот сектор во регионот.