Скопје, 9 март 2022

Осигурителниот пазар во 2021 година порасна за 15%, а развојот на настаните во Украина не се одразуваат неповолно врз осигурителниот пазар. Затоа што во поглед на управувањето со ризиците, ниту на страната на обврските, ниту на страната на средствата не сме изложени директно на ризици од Украина, потенцираше д-р Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО на редовната седница на Комитетот за финансиска стабилност на кој учествуваа високи претставници на регулаторните тела од финансискиот систем ина Министерството за финансии.

„Тоа што е уште побитно е што друштвата за осигурување располагаат со капитал којшто е повисок за четирипати од потребниот износ на маргината на солвентност, што ја потврдува високата солвентност на пазарните субјекти. Конзервативните политики и регулативата за вреднување на техничките резерви и вложувањата на средствата, како и високиот квалитет на инструментите коишто се вклучени во пресметката на капиталот на друштвата за осигурување, се добра основа и гаранција за зачувувањето на солвентноста. Растот на бруто полисираната премија предизвика раст и на расходната страна, односно раст на исплатите на штетите и на оперативните трошоци. Ова придонесува за влошување на финансиските остварувања. Развојот на настаните во Украина не се одразуваат неповолно врз осигурителниот пазар, затоа што во поглед на управувањето со ризиците, ниту на страната на обврските, ниту на страната на средствата не сме изложени директно на ризици од Украина“, посочува Шајноски.

Гарантирана е стабилноста на курсот на денарот. Финансискиот систем исто така е стабилен и е подготвен да им одговори на предизвиците што би можеле да произлезат од руско-украинскиот конфликт, исто како што и во целиот пандемичен период успешно се справува со ризиците. Сите финансиски услуги непречено се обезбедуваат и ќе се обезбедуваат и натаму, во согласност со потребите на граѓаните и на корпоративниот сектор. Надлежните регулатори координирано ги следат состојбите и се подготвени брзо да делуваат, да ги приспособуваат политиките во согласност со случувањата и да ја одржат финансиската стабилност, којашто е приоритет.

Ова се дел од констатациите од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, на којашто се разгледаа најновите движења во финансискиот сектор во контекст на актуелните геополитички случувања, поврзани со воениот конфликт во Украина. Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски.

На седницата беше посочено дека од самиот почеток на руско-украинскиот конфликт, состојбите внимателно се следат и постојано се оценуваат. Бидејќи се работи за неекономски шок, чијшто иден развој тешко може да се предвиди, прерано е да се извлечат заклучоци за долгорочните влијанија врз домашната економија. Сепак, она што е извесно е дека досега нема поизразени директни влијанија врз домашниот финансиски сектор и не се ни очекуваат, што се должи на многу слабите финансиски врски со Русија и Украина. Дополнителен фактор е отсуството на капитал од овие две земји во домашниот банкарски сектор. Ова е важна предност во овие околности, особено ако се земат предвид предизвиците со кои се соочија некои од соседните земји во кои беа присутни руски банки.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека девизните резерви се на високо ниво, што ја гарантира стабилноста на денарот, додека домашниот банкарски сектор е сигурен, ликвиден и соодветно капитализиран, подготвен за справување со евентуалните шокови.

„За време на корона-кризата банкарскиот сектор покажа дека умее да ги ублажува ризиците, дури и кога тие се нови и дотогаш невидени, како по размер, така и по карактеристики. Банкарскиот сектор покажа дека е способен да ја поддржи економијата и во сложени услови и да им одговори на барањата на граѓаните и на корпоративниот сектор. Според сите показатели, ваквите капацитети се задржани и дополнително се зајакнати во овој период.“ ‒ посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Таа додаде дека потврда за соодветните политики е и одлуката на ЕК, со која се оценува дека банкарската регулатива и супервизијата коишто ги спроведува Народната банка се во согласност со стандардите на ЕУ, што го исполнуваат само уште 26 земји во светот.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека изминатите светски економски кризи – глобалната финансиска криза и економската криза предизвикана од пандемијата, не научија дека здравиот финансиски систем може да абсорбира дел од надворешните шокови. Оттаму е важна добрата координација помеѓу финансиските регулатори, во насока на будно следење на состојбите и преземање соодветни мерки и политики.

„Фискалната политика ќе биде поставена така, да преку соодветни мерки и политики се амортизираат ударите кои ќе доаѓаат однадвор за домашната економија и за стандардот на граѓаните. Тие ќе дојдат преку европската економија и главно ќе се одразат врз потрошувачката, преку ценовните притисоци од увезените примарни производи. Преку фискалната политика ќе се заложиме за граѓаните и стопанството да ги амортизираме тие притисоци. Веќе е изготвен сет на антикризни мерки, кој Владата набрзо ќе го презентира“, истакна Бесими.

Осврнувајќи се на состојбите на македонскиот пазар на капитал по ескалацијата на руско-украинскиот конфликт и предизвиците коишто се наметнаа, претседателката на КХВ, Нора Алити, нагласи дека тие имаа првично негативен одраз врз тргувањето на берзата, придружен со еднократен пад од 8,39% на МБИ 10 на берзанскиот ден кога започнаа воените дејствија, сѐ до нормализираното и вообичаено тргување, без драматичен предзнак. Кај нето-вредноста на отворените инвестициски фондови, заклучно со февруари, се забележува намалување од 2,4% во однос на јануари. Приливите се стабилни, додека одливите се благо зголемени (7,34%). Ваквите показатели за фондовите влегуваат во стандардните динамики и нема позначителни отстапувања од нивната кондиција. Имајќи предвид дека вредноста на вложувањата во хартии од вредност од руски компании изнесува околу 1,5 милиони евра, или 0,76% во вкупната нето-вредност на сите отворени инвестициски фондови, очекувана е и таква пропорција на неповолно влијание, посочи претседателката на КХВ.

Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, истакна дека за време на здравствено-енергетската криза и актуелните геополитички случувања, капитално финансираното пензиско осигурување делува стабилно и транспарентно со идентификувани ризици коишто се анализираат и се контролираат на редовна основа и во рамките на регулативата, со посебно внимание на инвестирањето на средствата на пензиските фондови. Како резултат на новонастанатата состојба, МАПАС внимателно го следи и реагирањето на пензиските друштва во однос на нивните инвестициски стратегии и тактики за остварување највисок принос, единствено во полза на членовите на пензиските фондови.

На седницата беше истакнато дека сите финансиски регулатори ќе продолжат со координирано следење на состојбите и навремена размена на сите релевантни информации и дека се подготвени да реагираат соодветно на случувањата, секој во рамките на надлежностите на својот мандат. Се заклучи дека сите регулатори на финансискиот систем имаат доволен опсег на инструменти што може да ги користат доколку е неопходно, со што се гарантира дека финансиската стабилност ќе биде одржана и во следниот период.