Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ослободи 30 милиони евра ликвидни сретства со цел друштвата за осигурување да можат да ги употребат за тековно работење во услови на вонредна состојба, кога се соочуваат со намалување на продажбата на осигурителни полиси. Со ослободување на 10 % од резервите, друштвата добиваат во денари  1.8 милијарди денари ликвидни сретства чија цел е да се зајакне поддршката на друштвата во сегментот на менаџирањето со негативните последици од појавата на корона вирусот (COVID 19).

Во исто време АСО дозволи  исправка на побарувањата за дополнителни 60 дена. Целта на измената е да се амортизира ударот врз финансискиот резултат на друштвата за осигурување како резултат на очекувана намалена наплата на побарувањата по основ на премија за осигурување.

Со цел заштита на правата и интересите на осигурениците и квалитетно обработување на штетите во услови на работа во вонредна состојба и флексибилно работно уредување на друштвата за осигурување, АСО утврди дополнителен рок, пријавената штета друштвото да ја евидентира  најдоцна во рок од 5 работни дена од денот на прием на барањето за надомест на штета. По решавање на штетата, друштвото е должно писмено да го извести подносителот на отштетното побарување за решената штета, при тоа наведувајќи: износ на надомест на штетата, можноста и рокот за доставување претставка и рокот за исплата на штетата кој не смее да биде подолг од 14 дена од денот на ликвидација на штетата.

Со цел обезбедување на стабилност на секторот на осигурување, но и заштита на осигурениците АСО донесе одлука, и покрај забавена ликвидација и  пријава на штети во настанатата вонредна состојба, истата да не влијае врз проценките на техничките резерви.

 

Пандемијата и вонредната состојба во државата, како и во цел свет, значително се одразува врз секојдневието на луѓето, но и врз секојдневното работење на секторот за финансиски услуги и на реалната економија. И покрај тоа што, во моментов, интензитетот на последиците кој ќе го има епидемијата врз домашната економија не може со сигурност да се предвиди и процени, извесно е дека сите сегменти на секторот на финансиски услуги одреден период ќе биде соочени со потешкотии и притисоци во своето работење.

Агенцијата за супервизија на осигурување има цел да обезбеди олеснување и континуитет во работењето на осигурителниот сектор, истовремено штитејќи ги интересите и правата на осигурениците, јавниот интерес, како и обезбедувајќи ја стабилноста на осигурителниот сектор.

Агенцијата за супервизија на осигурување е во постојана интензивна комуникација со сите субјекти во осигурителниот сектор и постојано ја прати и проценува солвентноста и ликвидноста на секој поединечен субјект.

Во тој контекст би сакале да ја информираме јавноста дека Советот на експерти на Агенцијата на својата последна седница донесе нов пакет на мерки со цел да се обезбеди континуитетот на работењето на осигурителниот сектор.

Имајќи ја во предвид вонредната состојба во државата, како и потребата финансиските регулатори во овие моменти да покажат флексибилност и прилагодливост на супервизорските правила и стандарди, Агенцијата донесе една одлука и измена на три правилници.

Со донесените измени им се дава дополнителен регулаторен простор во работењето на друштвата за осигурување, што неминовно ќе има позитивен ефект и врз крајниот корисник на осигурувањето во сегменот на динамика на плаќање на обврските по премии, но и во сегментот на навремена и реална исплата на штети.

Поконкретно, измените се однесуваат на поголема флексибилност на друштвата за осигурување во нивното работење, а со тоа се овозможува намалување на тековниот товар на граѓаните и компаниите во справувањето со негативните притисоци од пандемијата.

Регулаторните измени се насочени кон привремено олеснување во:

  1. Правилникот за видови и карактеристики на средствата кои ги покриваат техничките резерви и средствата кои ја покриваат математичката резерва, како и детално пласирање и ограничување на тие вложувања и нивно вреднување, каде се дозволува до 31.12.2020 година 10% од средствата за покривање на техничките резерви да бидат недоспеаните побарувања и доспените побарувања до 30 дена. Имено со ослободувањето на 10 те % од резервите , АСО обезбедува зголемување на ликвидноста на осигурителните компании за 30 милиони евра.

 

  1. Правилникот за методот за вреднување на ставките од билансот на состојба и изготвување на деловните биланси, каде се дозволува до 31.12.2020 година исправката на побарување да се помести за дополнителни 60 дена. Целта на измената е да се амортизира ударот врз финансискиот резултат на друштвата за осигурување како резултат на намалената наплата на побарувањата по основ на премија за осигурување.

Имено со  дополнителните 60 дена АСО обезбеди амортизирање на ударот врз билансите на осигурителните компании , со цел по истекот на вонредната состојба компаниите да породолжат нормално да функционираат.

 

  1. Правилникот за минимална содржина на евиденцијата и начинот на пријавување, резервирање и ликвидација на штети од страна на друштвата за осигурување, каде се дозволува се додека трае вонредната состојба евидентирање на пријавените штети да се помести на 5 дена.

Имено со оваа мерка АСО им овозможува на осигурителните компнии со оглед на вонредната состојба и новите организациони шеми да имаат дополнителен период, за обработка на  штетите од што секако  ќе имаат интерес  осигурениците.

 

  1. Одлуката за начинот на проценка на резервите за штети на друштвата за осигурување и/или реосигурување за време на траење на вонредната состојба, каде се дефинира дека во проценките на техничките резерви за вториот и третиот квартал на 2020 година и покрај забавена ликвидација/ пријава на штети во настанатата вонредна состојба, да не влијае врз проценките на техничките резерви.

Целта на оваа измена е обезбедување на стабилност на секторот на осигурување, но и заштита на осигурениците, преку реално утврдување на резервите на друштвата.

Агенцијата за супервизија на осигурување интензиво ќе продолжи да го следи влијанието на пандемијата на коронавирус врз стабилноста и законитото делување на субјектите кои ги супервизира и е подготвена соодветно да ги приспособува политиките и навремено да реагира во согласност со своите надлежности за заштита на јавниот интерес и придонесување на стабилноста на секторот.