На ден 27.2.2015 година во просториите на Народната банка на Република Македонија се одржа работилницата на тема: Истакнување на потенцијалните влијанија на природните катастрофи врз работењето на комерцијалните банки. На работилницата учествуваа членови на Управните одбори на банките и лица одговорни за управување со ризиците во банките.

Работилницата беше организирана како заеднички проект на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), со цел зголемување на свеста за ризиците за банките, како и за целокупниот финансиски систем на земјата, коишто произлегуваат од катастрофалните ризици и временските непогоди, во услови на недостаток на доволно механизми за нивно ублажување.

Воведни обраќања на работилницата имаа г-ѓа Милица Арнаудова Стојановска, директор на Секторот за супервизија, банкарска регулатива и финансиска стабилност при НБРМ и г. Климе Попоски, претседател на Совет на експерти на АСО.

Предавачи на работилницата беа претставниците од Европа Ре, г-ѓа Маријана Лемиќ Сарамандиќ – директор за Македонија и Србија, г-ѓа Алма Ќамо – директор за Албанија и г. Андреј Ѓокиќ- одговорно лице за односи со јавност.

На работилницата беше даден осврт за ниското ниво на пенетрација за осигурување на имот и природни катастрофи во земјата, како и за потенцијалните влијанија на природните катастрофи врз работата на комерцијалните банки и финансискиот систем на земјата. Беше разгледана улогата на осигурувањето од катастрофални ризици како механизам за ублажување на ефектите од катастрофалните ризици кои би можеле да ги имаат комерцијалните банки и нивните клиенти, преку примери од европските земји.

На крај беше истакната улогата на Европа Ре во подигнување на свеста на потрошувачите и бизнисите за влијанието на природните катастрофи и развојот на осигурувањето од катастрофални ризици  во регионот преку осигурителен модел развиен од Европа Ре.