Ова е највисока поединечна исплатена штета во сите 18 класи на неживотно осигурување за првите девет месеци годинава. Осигуреник е правно лице, а штетата е исплатена во третиот квартал годинава. Во најголемите пет исплатени штети се уште следниве: за осигурување одговорност од воздухоплов се исплатени 232.000 евра, за автомобилска одговорност 173.00 евра, за осигурување од финансиска загуба 141.000 евра и за штета осигурана со зелена карта се исплатени 100.000 евра

Највисоката исплатена штета покриена со осигурување, во првите девет месеци годинава, изнесува 18,9 милиони денари (308.000 евра). Станува збор за осигуран имот на правно лице.  Во овој период кај најголемата доброволна осигурителна класа – осигурување имот се исплатени штети во вкупна вредност од 469,6 милиони денари (7,6 мил.евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизја на осигурување (АСО).

Втората највредна исплатена штета е за одговорност од осигуран воздухоплов. За настаната штета од тоа осигурување се исплатени 14,3 милиони денари (232.000 евра).

Во петте најголеми исплатени штети по една е за задолжително осигурување од автомобилска одговорност, за зелена карта и за осигурување од финансиски загуби.

По основ на задолжителна автомобилска одговорност осигурителна компанија, во овој период, исплатила 10,7 милиони денари (173.000 евра). За покривање финансиски загуби осигуреник од осигурително друштво наплатил 8,65 милиони денари (141.000 евра). За штета покриена со зелена карта осигурителна компанија на осигуреник исплатила 6,2 милиони денари (100.000 евра).

Во првите девет месеци најголемата штета исплатена за осигурани стоки во превоз (карго) изнесува 4,9 милиони денари (80.000 евра). Кај каско осигурување моторни возила по една штета биле исплатени 2,75 милиони денари (45.000 евра). Кај осигуран имот на физичко лице најголемиот износ за штета што го исплатила компанија за осигурување изнесува 2,9 милиони денари (48.000 евра).

Во доброволната класа со најмногу активни договори – осигурување од незгода во првите девет месеци највисоката исплатена штета изнесува 3,6 милиони денари (58.000 евра). Кај приватното здравствено осигурување најголемата исплатена штета за овој период изнесува 615.000 денари (10.000 евра), а кај патничкото осигурување 1,4 милиони денари (23.000 евра).

Осигуреници наплатија вкупно 2,89 милијарди денари (47 мил.евра) штети од осигурителните компании за неживотно осигурување во првите девет месеци годинава. Вкупниот износ на исплатените штети за овој период е за 422 милиони денари (6,9 мил.евра) или 17 отсто повисок во однос на истиот период лани. Вкупно 11 компании за неживотно осигурување во овој период исплатиле 55.008 штети што е за 20 отсто повеќе од истиот период минатата година.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.