Граѓани, компании и институции лани склучија речиси 1,5 милиони договори за неживотно осигурување, што е за 30 отсто повеќе од 2020 година. Раст на вложувања во осигурување има кај 15 осигурителни класи, а најзначајни за истакнување се зголемената побарувачка за патничко осигурување, осигурување имот, приватно здравствено осигурување

Пазарот за неживотно осигурување лани порасна за 16 отсто во споредба со 2020 година. Осигуреници вложија 9,6 милијарди денари (156,5 мил.евра) во сите 18 класи на неживотни осигурувања. Тоа е за 1,3 милијарди денари (21 мил.евра) повеќе во споредба со 2020 година. Граѓани, фирми, здруженија и инстиуции лани склучиле речиси 1,5 милиони  договори за осигурување. Тоа е за 30 отсто повеќе во споредба со 2020 година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување.

Вложувањата во осигигурување неживот лани се поголеми и во однос на 2019 година што укажува на тоа дека осигурителната индустрија во целост закрепна од негативните влијанија и бројните ограничувања предизвикани од здравствената пандемија во 2020 година.

Во осигурување имот, најголема доброволна класа на осигурување, лани граѓани и правни лица вложиле вкупно 2,17 милијарди денари (35,2 мил.евра). Тоа е за 16,5 отсто односно над 300 милиони денари (5 мил.евра) повеќе во однос на претходната година. Дури за 34 отсто повеќе од 2020 година во осигурување имот вложиле физички лица односно вкупно 679 милиони денари (11 мил.евра). Корпоративниот сектор своите вложувања во осигурување имот лани ги зголемил за 10 отсто и тие достигнале 1,5 милијарди денари (24,2 мил.евра).

Очекувано најголем раст лани има кај патничкото осигурување. Вложувањата во овој осигурителен продукт достигнаа 148 милиони денари (2,4 мил.евра). Тоа е за 94 отсто повеќе од 2020 година во која речиси сите патувања беа сведени на нула поголем дел од годината заради глобалната здравстена пандемија предизвикана од вирусот COVID – 19.

Интензивен раст на вложувањата е карактеристичен и за приватното здравствено осигурување – најбрзорастечкиот осигурителен производ од почетокот на здравствената криза до сега. Во оваа класа осигурување граѓани, фирми и институции вкупно вложија 405 милиони денари (6,6 мил.евра) , што е за 48 отсто повеќе од пандемиската 2020 година.

Со умерен раст се карактеризираат и вложувањата во каско осигурување на моторни возила. Вкупно во таа класа лани се вложени 890 милиони денари (14,5 мил.евра) што е за 8 отсто повеќе од претходната година.

Кај најголемата осигурителна класа – автомобилското осигурување, кое е задолжително со закон, лани продажбата на полиси достигнала 4,8 милијарди денари (78,6 мил.евра). Тоа е за 17 отсто повеќе од 2020 година.

Значајно за истакнување е тоа што сите 11 компании за неживотно осигурување бележат раст на продажбата на осигурителни полиси што укажува на јакнење на пазарната конкуренција во секторот неживотно осигурување.

Кај „Триглав осигурување“, АДОР „Македонија“ ВИГ и „Осигурителна полиса“ бруто полисираните премии пораснале до 10 отсто во однос на 2020 година. Кај “Граве неживот“, „Винер ВИГ“ „Евроинс осигурување“, „Еуролинк “ и „Сава осигурување“ премиите растеле меѓу 10 и 20 отсто. Бруто премиите на „Халк Осигурување“ и „Уника“ лани пораснале над 20 отсто, а на „Кроација осигурување – неживот“ се зголемиле за повеќе од 40 отсто во споредба со 2020 година.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.