Денес се одржа второ по ред “Global InsurTech Roadshow”, во организација на TechQuartier, познат дигитален центар и Goethe Business School, во Франкфурт, Германија. Настанот беше подржан од Европскиот регулатор за осигурување и пензии (EIOPA). Во панел дискусијата насловена „Регулаторни разговори“ свое обраќање имаше Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, г. Климе Попоски. Панелот беше модериран од страна на Philipp Krohn од Frankfurter Allgemeine Zeitung, познат германски новинар кој ја следи осигурителната индустрија, додека во панелот учествуваа Извршниот директор за осигурување при Федералниот авторитет за финансиска супервизија на Германија г. Dr. Frank Grund и Генералниот директор на Израелскиот регулатор за пазар на капитал, осигурување и штедење г. Dr. Moshe Bareket.

Притоа, Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, г. Климе Попоски ја истакна улогата на Агенцијата како регулаторно тело за подржка на дигитализацијата која во иднина ќе има силно влијаните врз промена на работните процеси на друштвата за осигурување и посредниците во осигурувањето. „Промените ќе значат поголема економичност во работењето на осигурителните субјекти и тоа ќе влијае врз намалување на цените на осигурителните продукти, поголема и поедноставна достапност до потенцијалните осигуреници, поголема ефикасност во решавање на штети, поголемо задоволство во консумирање на осигурителните продукти и поголема стабилност на осигурителната индустрија“, посочи Попоски на панел дискусијата.

На дводневниот форум во Франкфурт учествуваа еминетнти претставници од регулаторни тела, осигурителни друштва и посредници во осигурувањто, start-up компании и универзитески професори.