Во рамки на своите програмски определби за развој на пазарот на осигурување во Р. Македонија, АСО предвиде промовирање на доброто корпоративно управување кај друштвата за осигурување во Р. Македонија, со цел да го продолжи позитивното искуство на финансискиот сектор во земјата во промовирањето на добрата пракса на корпоративното управување.
По добиената поддршка од Меѓународната финансиска корпорација (IFC), институција која има долгогодишно искуство во промовирањето на добрата пракса на корпоративното управување, АСО започна соработка со Институтот на директори (МИОД) – партнерска институција на IFC во Р. Македонија, која резултираше со организирање на обука за корпоративно управување за претставници на друштвата за осигурување.
Обуката се состои од 8 модули од програмата за обука за корпоративно управување на IFC кои на учесникот ќе му овозможат запознавање со основите начела на доброто корпоративно управување.
Првиот дел од обуката се одржа на 13 и 14 октомври 2014 година во х. Александар Палас, Скопје. На започнувањето на обуката на учесниците со воведно обраќање се обрати г. Климе Попоски, претседателот на Советот на експерти на АСО. Во своето излагање г. Попоски се осврна на придобивките од примената на добрите практики на корпоративно управување кај друштвата за осигурување.
На овој дел обуката беа обработени следниве модули:
Модул 1: Вовед во корпоративното управување
Модул 2: Бизнис случај за корпоративно управување
Модул 3: Обелоденување и транспарентност
Модул 4: Улога на одборите на директорите, задачи и одговорности на директорите
Вториот дел од обуката ќе се одржи на 27 и 28 октомври 2014 година во х. Метропол, Охрид
Модул 5: Практики на одборите на директори
Модул 6: Управување со ризикот
Модул 7: Финансиски надзор
Модул 8: Контролно опкружување
По завршувањето на обука за корпоративно управување, учесниците ќе се стекнат со сертификат (ниво 1) од областа на корпоративното управување. Сертификатите на учесниците ќе им бидат доделени на свечениот настан посветен на одбележување на Денот на Осигурувањето.
Исто така, во подготовка е водич за корпоративно управување со наслов „Насоки за воведување на добри практики на корпоративно управување во друштвата за осигурување во Р. Македонија”, кој ќе биде промовиран на одбележувањето на Денот на осигурувањето – 1 ноември 2014 година.