Агенцијата за супервизија на осигурување ја информира јавноста дека ќе организира обука и полагање на стручен испит за вршење на работи на застапување во осигурување (во понатамошниот текст: обука и стручен испит за застапник).

 

Обуката за застапник  во времетраење од 3 дена (вкупно 18 наставни часа) ќе се спроведе во периодот 26-28.3.2020 година во просториите на “Европски универзитет” кој се наоѓа на Бул. “Климент Охридски” бр.68 во Скопје.

 

Точните термини и деталниот распоред на предавањата во рамки на обуката како и местото, точните термини и деталниот распоред за одржување на испитот ќе бидат објавени на интернет страницата на Агенцијата за супервизија на осигурување (aso.mk) пред отпочнување на обуката односно испитот.

 

Сите заинтересирани лица, најдоцна до 6.3.2020 година, може да се пријават за учество на обуката и полагање на стручниот испит за застапник со поднесување на следните документи (со назнака: Пријава за обука/Барање за полагање на испит за застапник) до Агенцијата за супервизија на осигурување (адреса:ул. Македонија бб – Палата Лазар Поп Трајков, V кат, Скопје):

  1. Пополнет образец – Пријава за учество на обука за застапник/Барање за полагање на стручен испит за застапник (достапен на интернет-страницата на Агенцијата  или во архивата на Агенцијата);
  2. Копија од лична карта;
  3. Уверение односно Диплома за завршено средно образование или повисок степен на образование, во оригинал или заверено од овластено лице – нотар; и
  4. Доказ за уплатен надоместок за учество на обука и за полагање на стручниот испит за застапник во осигурување.

 

Доколку личното име и презиме на некој од документите наведени погоре не е идентично со оние наведени во Пријавата/Барањето, потребно е кон барањето лицето да приложи и извод од матична книга на венчани односно решение за промена на личното име односно презиме.

 

Надоместокот за учество на обуката и за полагање на стручниот испит за застапник е утврден во Тарифникот за содржината и висината на надоместоците и давачките што ги наплатува Агенцијата за супервизија на осигурување и роковите за уплата (“Службен весник на Република  Македонија” бр.147/2009, 149/2009, 154/2009, 20/2012, 130/2013, 1/2015, 22/2016, 16/2017 и “Службен весник на Република Северна Македонија” 23/2020) и истиот изнесува 7.000 денари.

 

Доказот за уплатен надоместок треба да ги содржи следните податоци:

 

ЦЕЛ НА ДОЗНАКА:обука и испит за застапник за (име и презиме)
НАЗИВ НА ПРИМАЧОТ:Агенција за супервизија на осигурување
БАНКА НА ПРИМАЧОТ:Стопанска банка АД -Скопје

 

СМЕТКА:200002007041251 или
БАНКА НА ПРИМАЧОТ:НЛБ Банка АД – Скопје
СМЕТКА:210065288480132

 

Со обуката за застапник се опфатени 6 (шест) подрачја – модули и тоа:

  1. Основи на управување со ризик и осигурување;
  2. Законска регулатива од областа на осигурување;
  3. Трговско и облигационо право;
  4. Застапување во осигурување и етички кодекс;
  5. Осигурување на живот;и
  6. Неживотно осигурување.

 

Деталната содржина на секој од модулите од обуката за застапник е разработена во Наставната програма за полагање стручен испит за застапник во осигурување која ја утврдува Агенцијата и во која се содржани градивото, прописите и литературата. Наставната Програма е објавена на веб страницата на Агенцијата за супервизија на осигурување.

 

Начинот и постапката за спроведување на обуката и стручниот испит за застапник детално се пропишани со Правилникот за начинот, постапката и условите за спроведување на обука и полагање на стручен испит за вршење работи на застапување во осигурување (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр.47/2019 и 35/2020).

 

Кандидатите кои успешно ќе го положат стручниот испит за застапник ќе се здобијат со Уверение за положен стручен испит за застапник.

 

Кандидатите кои три пати едноподруго нема да го положат стручниот испит за застапник, го губат правото за повторно полагање на испитот предвиден со обуката.

 

НАПОМЕНА:

Поради ограничените  капацитети за спроведување на стручниот испит, бројот на кандидатите за учество на обуката односно испитот е ограничен, па пријавувањето ќе се врши согласно принципот прв дојден-прв услужен.

 

Пријавите/барањата за учество на обука и полагање на стручен испит кои ќе бидат доставени по пополнувањето на максималниот можен број на кандидати како и пријавите/барањата кои ќе бидат доставени по истек на рокот за доставување на истите, нема да бидат земени предвид.

Пријава за застапник – македонски

Пријава за застапник – двојазична

АГЕНЦИЈА ЗА СУПЕРВИЗИЈА НА ОСИГУРУВАЊЕ