Во организација на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) вчера попладне започна обуката за актуари за работа во осигурителни компании и друштва кои управуваат со пензиски фондови. Ова е прва обука за овој суб-специјален профил на кадар во период од десет години, а четврта по ред од 2002 година досега.

На обуката, која ќе трае две години и ќе заврши со полагање испити, се пријавени 21 лице, а предавачи се реномирани професори од земјава и од странство.

Со свое поздравно обраќање пред идните актуари денеска се обрати и проф. д-р Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО кој истакна дека во актуарството како професија специјализирана за мерење и управување со ризици и неизвесност е многу значаен катализатор за раст, развој и унапредување на осигурителниот пазар и за финансиски здрави осигурителни друштва. И воедно додаде дека АСО интензивно работи за системско законско решение со кое на актуарите ќе им се зајакне статусот и улогата во осигурителната индустрија.

Ваков тип на обука, развиена според програмата на меѓународниот институт за актуари, во нашата земја се организира по четврти пат, откако во 2002 година е донесен Законот за супервизија на осигурување.

На досегашните три циклуси на обуки успешно се сертифицираа околу 30-тина актуари. Првите две обуки се организираа од страна на Министерството за финансии со техничка помош од Американската USAID, односно Волонтерскиот корпус за финансиски услуги, кои дадоа значаен придонес во формирањето на професионалното македонско актуарско здружение (МАЗ „АКТУАР“).