Активностите во рамки на Регионалниот проект за осигурување на ризик од катастрофи (Europa Reinsurance Facility Ltd.), за кој Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е назначена како имплементатор, продолжуваат и понатаму. Во рамки на Проектот, се предлага воведување на нов концепт на земјоделско осигурување. За таа цел, на 18.11.2013 година, се одржа презентација од страна на тимот на Europa Re и г.Чарлс Стутли, консултант за земјоделско осигурување пред претставници на друштвата за осигурување кои вршат продажба на полиси за земјоделско осигурување и пред вработените на АСО.
Во презентацијата беа објаснети карактеристиките на три типови осигурување во земјоделството, и тоа на 1. земјоделско осигурување од еден ризик (Named Peril Crop Insurance), 2. земјоделско осигурување од повеќе ризици (Multi Peril Crop Insurance) и 3. индексирано осигурување на остварените приноси во одредена област (Area Yield Index Insurance-AYII). Особено внимание беше посветено на третиот тип на осигурување (AYII) со кој ќе се овозможи подобра заштита на приносите на земјоделското производство со обезбедено покритие од сите ризици.