Агенцијата за супервизија на осигурување, Народната банка на Република Северна Македонија, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, сите членки на Координативното тело за финансиска едукација и финансиска инклузија потпишаа Меморандум за соработка во доменот на финансиската едукација и финансиската инклузија.

Соработката меѓу потписниците, согласно Меморандумот, има за цел да ја подигне свеста кај населението за потребата од финансиска едукација во современото динамично окружување, како и да се согледаат предностите од финансиската инклузија. Со Меморандумот се очекува дека ќе се остварат следниве цели:

– Преку интегрирана визија, спроведување образовни проекти и заеднички заложби на потписниците, се очекува дека ќе се придонесе кон подигнување на нивото на финансиска писменост на населението и следствено подобрување на вештините и способноста за носење издржани финансиски одлуки во практиката;

– Истовремено, соработката треба да овозможи подигнување на нивото на финансиска инклузија, преку зајакнување на сите аспекти на достапност, корисност, ефикасност и подобра информираност за финансиските услуги во земјата, како и соодветна информираност за правата на потрошувачите во финансискиот сектор. Зајакнувањето на финансиската едукација и подобрувањето на финансиската инклузија треба да овозможат оптимизација на услугите коишто ги нуди финансискиот систем заради поддршка на економскиот раст и општествената благосостојба;

– Исто така, преку овој меморандум се поттикнуваат, се планираат и се изведуваат активности за соработка на регионален и меѓународен план со други организации и институции во доменот на финансиската едукација и финансиската инклузија.

Согласно заложбите и постигнувањето на целта од Меморандумот, потписниците се согласни да учествуваат во следниве активности:

– поттикнување на соработката со надлежните институции во земјата во доменот на финансиската едукација и финансиската инклузија;

– покренување иницијативи до надлежните институции за активности коишто ќе ја поддржат финансиска едукација и финансиската инклузија на населението на Република Македонија;

– изработување стратегиски документи од областа на финансиската едукација и финансиската инклузија;

– дефинирање, предлагање и учество во заеднички проекти и активности, за подобрување на финансиската едукација и финансиската инклузија во земјата;

– дефинирање, предлагање и учество во проекти во содејство со приватниот сектор, согласно со делокругот на активности на одделните потписници;

– применување на најдобрите практики и препораки на меѓународните организации и институции;

– организирање и спроведување анкети, како и следење на расположливите податоци за нивото на финансиска писменост и финансиската вклученост во земјата;

– организирање работни сесии, семинари и други видови обуки заради подигнување на финансиската писменост во земјата;

– соработка во областа на следење на финансиските иновации и подготовка за евентуална нивна примена во земјата, како и соодветна финансиска едукација и следење на финансиската инклузија на населението во доменот на финансиските иновации;

– промовирање на регионалната и интернационалната соработка во областа на финансиската едукација и финансиската вклученост и

– споделување информации од областа на финансиската едукација и финансиската инклузија за индивидуалните проекти на секој од потписниците со останатите потписници.