Со цел стимулирање на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на управување со ризици и осигурување во Република Северна Македонија, како и афирмација на млади и стручни кадри, Агенцијата за супервизија на осигурување доделува годишна награда за 2019 година за истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување во Република Северна Македонија.
Годишната награда на Агенцијата за супервизија на осигурување изнесува 80.000 денари.
Трудот задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 15.000 зборови (без апстракт, библиографија и анекси) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување кое ги содржи следните основни делови:
– апстракт;
– осврт на консултираната литература од областа која се истражува;
– опис на методите на истражување кои се користат во трудот;
– анализа;
– заклучни согледувања и
– библиографија.
Право за учество на конкурсот имаат државјани на Република Северна Македонија до триесет и петгодишна возраст, односно до денот на доделувањето на наградата на 01.11.2019 година, учесниците не треба да имаат наполнети триесет и шест години. Учесниците кои имаат стекнато титула доктор на науки до денот на поднесувањето на трудот немаат право на учество на конкурсот.
Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или англиски јазик.

линк..