Агенцијата за супервизија на осигурување, по повод одбележување на Денот на осигурувањето, 1-ви ноември, организираше конференција за земјоделско осигурување. Конференцијата беше организирана заеднички со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со цел да се посвети внимание на земјоделството како значаен дел од македонската економија, односно да се посвети внимание на намалување на ризиците во земјоделството преку користење на осигурувањето.
Посетители на конференцијата беа претставници од осигурителниот сектор, претставници од државни институции и регулаторни тела, како и претставници од земјоделскиот сектор.
На конференција свечено се обратија г. Кочо Анѓушев, Заменик на Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, г. Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата на Република Македонија и г. Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување ( видео обраќања во рамки на соопштението на Владата на Република Македонија https://www.vlada.mk/node/15674)
Имајќи предвид дека постојат различни решенија низ целиот свет, на Конференцијата за земјоделско осигурување свои излагања имаа претставници од повеќе водечки институции како што се Друштво за управување со земјоделски осигурителен пул (TARSIM) од Турција, Друштво за осигурување од град (Österreichische Hagelversicherung VVaG – ÖHV) од Австрија, Друштвото за реосигурување Свис Ре од Швајцарија; Друштвото за реосигурување Полиш Ре од Полска, Иницијативата за достапно осигурување (Access to Insurance Initiative -A2ii) и Друштвото за реосигурување Европа Ре од Швајцарија кои ги презентира своите искуствата во оваа област.
Во рамки на манифестацијата беше доделена награда и плакета за најдобар истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување во Република Македонија за 2018 година под наслов ” Анализа на глобалниот пазар на микроосигурување и можностите за негова имплементација во Република Македонија”. Целта на трудот е да ја зголеми свесноста, информираноста и знаењето на македонските осигурителни компании за концептот и моделите на микроосигурувањето. (преземи тука).
Наградата на авторот г-а Тања Камењарска ѝ ја додели претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, г. Климе Попоски и следеше краток осврт на трудот од страна на авторот.
Линкови до презентациите на англиски јазик:
- Искуство на турскиот систем за земјоделско осигурување. г. Неџати Ичер, технички консултант, Друштво за управување со земјоделски осигурителен пул (TARSIM)
- Рамка за напредни шеми за земјоделско осигурување. г. Рајнхард Керн, член на Одборот на директори, Друштво за осигурување од град (Österreichische Hagelversicherung VVaG – ÖHV)
- Фокус на квалитетот на производите од гледна точка на реосигурувањето. г. Пол Хамер, експерт за реосигурување во земјоделството, Свис Ре
- Клучни елементи за управување со портфолијата на земјоделски култури и сточарство; Програми за поддршка со реосигурување од Полиш Ре. г. Конрад Ројевски, менаџер за земјоделски осигурителни производи, Полиш Ре
- Регулативата на земјоделското осигурување во функција на негов развој. г-ѓа Тереза Пеланда, Советник, Секретаријат на Иницијативата за достапно осигурување (A2ii)
- Индексно осигурување: предизвици и искуства. г-ѓа Надица Јовановска Бошковска, Раководител на претставништво во Македонија, Европа Ре