Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација во Република Македонија, во кое членуваат претставници на Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување, и оваа година, веќе трета по ред, ја одбележува Глобалната недела на парите во периодот од 14 до 20 март 2016 година.
Глобалната недела на парите се одржува на светско ниво од 2012 година, во чиишто рамки се одржуваат преку 3000 активности во кои се вклучени над 5,6 милиони деца и млади во повеќе од 124 земји и каде што работат 962 организации и институции. Оваа глобална иницијатива ја подигнува свеста кај младите преку учење за тоа како функционираат парите, вклучувајќи го штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат државните институции. Целта на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади е да ги поттикне младите да инвестираат во својата иднина, истакнувајќи ја важноста на раната финансиска едукација, со што ќе им помогне да станат свесни за своите финансиски права, ќе им ја олесни пристапноста до финансиските услуги и ќе ги развие нивните финансиски вештини. Темата за оваа година на Глобалната недела на парите е „Земи учество, штеди паметно!“, со намера младите луѓе да научат да штедат за својата иднина.
Агенцијата за супервизија на осигурување и останатите институции чиишто претставници го сочинуваат Координациското тело ќе одржат предавања за учениците од основните и средните училишта од Македонија, преку кои тие ќе се запознаат поблиску со парите, нивното значење, размената, историјата, изработката, потоа штедењето, инфлацијата, монетарната политика и сл.