Агенцијата за супервизија на осигурување (AСО) во соработка со SC XPRIMM International SRL, од Букурешт Романија, врз основа на минатогодишното позитивно искуство одлучи и оваа година да организира регионална актуарска конференција. На тој начин, истовремено се работи на реализирање на интенцијата оваа конференција да прерасне во редовна годишна конференција.

Конференцијата ќе се одржи на 28 февруари 2019 година, во хотелот Мериот, Скопје со почеток во 9:30 часот и ќе биде посветена на концептот на сеопфатно осигурување (engl: Inclusive insurance), кој подразбира пристап и користење на соодветни и прифатливи осигурителни производи за недоволно пристапни клиенти, со посебен акцент на ранливите категории на граѓани, а пред сѐ луѓето со ниски приходи. Сеопфатното осигурување подразбира користење на едноставни осигурителни производи кои поттикнуваат доверба и транспарентност во осигурување, најчесто со пониски осигурени суми и иновативни методи за дистрибуција.

Таргет групата на посетители на конференцијата не се само актуарите, туку и поширок спектар на учесници од осигурителната заедница, претставници од пензиските друштва и креаторите на економските политики во земјата и странство од причина што работата на актуарите станува сé покомплексна и треба да има централно место во организационата поставеност друштвата за осигурување.

SC XPRIMM International SRL во изминатиот период се промовираше како квалитетна институција која го следи развојот и трендовите на осигурувањето, со посебен акцент на земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, и земјите од Заедницата на Независни Држави (ЗНД) со тоа што за сите земји објавува редовни известувања со настани од осигурителниот сектор, проследени со редовни тромесечни статистики и годишни профили на земји.

Повеќе детали за конференцијата се достапни на следниов линк

http://www.internationalinsuranceforum.com/actuarial/