Агенцијата за супервизија на осигурување на 29.04.2010 (четврток) беше домаќин на Австриското регулаторно тело за финансиски пазар претставувано од страна на г. Питер Браумулер како директор на секторот за осигурителна и пензиска супервизија, а воедно и претседавач на Извршниот Комитет на Меѓународната Асоцијација на Осигурителни Супервизори (ИАИС).

По повод гостувањето на г. Браумулер, Агенцијата организираше дебата на тема “Развојот на осигурувањето во глобални рамки”, која се одржа во Дипломатик салата на Скопскиот Саем.

„Агенцијата за супервизија на осигурување ќе настојува многу почесто да се одржуваат форуми од ваков тип, на коишто отворено ќе се дискутира за проблемите и начинот како да се подобри ефикасноста на пазарот на осигурување, затоа што ова е еден од начините да се подобри корпоративното управување кај субјектите и да се зголеми транспарентноста во работењето.  Овие настани исто така се од исклучително значење за иницирање и развој на билатерална и мултулатерална меѓународна соработка “- нагласи г. Климе Попоски во својата изјава за медиумите.


Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата, г. Климе Попоски имаше воведно обраќање со кое го означи почетокот на  дебатата, а исто така одржа и презентација за состојбата на осигурителниот пазар во Р. Македонија во која ги изнесе основните економски индикатори за работењето на друштвата за осигурување во земјата за изминатата  2009 година.

Господинот Браумулер во својата презентација зборуваше за глобалните и европски достигнувања на осигурителниот пазар  новите предизвици на регулаторните органи и воведувањето на нова надзорна архитектура (Солвентност 2), со осврт на карактеристиките на Австрискиот  финансиски пазарен орган (ФМА), како и за идните предизвици на австрискиот пазар.

По презентацијата следеа прашања до г. Браумулер и г. Попоски кои ја отворија дебатата.