Во периодот од 27-29 Октомври, 2010 година Меѓународната Асоцијација на осигурителни супервизори (ИАИС). ја оддржа 17-тата годишна Конференција. Домаќин на овој традиционален настан беше Регулаторното финасиско тело на Дубаи. На оваа Конференција се случи официјалното прогласување и прифаќање на членството на Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија како рамноправна членка на ИАИС и нејзино евидентирање во регистрите под уставното име на нашата земја.

 

Присуствуваа голем број на учесници од осигурителните регулаторни тела и осигурителни професионалци кои имаа можност да дискутираат и дебатираат за пазарните услови, трендовите и регулаторните промени во ова предизвикувачко финансиско опкружување.

 

 

На оваа Конференција се донесоа следните одлуки:

 

  • Едногласно избирање на Претседавач на Комитетот на ИАИС г. Питер Браумулер, по втор пат;
  • Усвојување на нов стратешки план за финасиските перспективи во периодот 2011-2015 и поставување на цели и приоритети за негова операционализација;
  • Усвојување на двогодишен план и поставување на високи цели и приорители во овој период. Овој план вклучува понатамошно зајакнување на регулативата, идентификување на ризиците на глобално ниво,  зајакнување на капацитетот на регулаторите, превземање на понатамошни истражувања и развој на системскиот ризик во секторот на осигурувањето и развивање на методологија на негово квантитативно и квалитативно мерење.  Покрај тоа, ИАИС се обрза да обезбеди и широка лепеза на упатства и стандарди за тоа како да се идентификуваат домашните и глобалните системски ризици;
  • Усвојување на 8 супервизорски принципи, кои претставуваат прв чекор во ревизијата на постојните супервизорски принципи и стандарди;
  • Потпишување на два Мултилатерални меморандуми за соработка.

 

 

За Меѓународната Асоцијација на осигурителни супервизори (ИАИС)

 

Асоцијацијата е основана во 1994 година, со седиште во Базел и има мисија да ги претставува осигурителните регулатори и супервизори кои во моментов се 190 јурисдикции во околу 140 земји. Ова значи дека ИАИС има повеќе од 120 осигурителни професионалци, осигурители, реосигурители, трговски асоцијации и набљудувачи. ИАИС е издавач на меѓународните осигурителни стандарди, принципи и упатства, обезбедува тренинг обуки и поддршка во врска со прашања од областа на осигурувањето и супервизијата, организира состаноци и семинари за осигурителните супервизори.

ИАИС има воспоставено блиски односи на соработка со други меѓународни институции со цел промовирање на финасиската стабилност.