Во насока на ефикасно спроведување на своите законски надлежности и активности, Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) континуирано вложува во заjакнување на човечките ресурси преку воспоставување и имплементација на систем на континуирана едукација и стручно усовршување на вработените. Во рамки на активностите за развој на овие ресурси Агенцијата спроведува редовни обуки во земјата и странство.
Во периодот 4-5 ноември 2013 година, во седиштето на АСО, од страна на експерти од Народната банка на Холандија (De Nederlandsche Bank- DNB) беше реализирана обука чија цел беше да се пренесе знаење и искуство на супервизорите од Холандија за спроведување на супервизија врз субјектите на осигурување. Оваа обука беше последна во пакетот на обуки со DNB за оваа година, и се одржа во рамки на проектот за техничка помош меѓу АСО и DNB.
Исто така, во рамки на проектот беа организирани уште две обуки за вработените во АСО. Првата обука се однесуваше за спроведување на вонтеренска супервизија и истата беше одржана во периодот 22-23 јули 2013 година, во седиштето на DNB, во Амстердам, Холандија. На оваа обука, од страна на експертите од DNB беше презентиран начинот на кој тие ја вршат вонтеренската супервизија. Во периодот 16-17 септември 2013 година во седиштето на АСО, беше спроведена обука за начинот и постапките за спроведување на ризично базирана супервизија.
Преку соработката со DNB Холандија, супервизорите од АСО се стекнаа со знаење и искуства кои понатаму ќе им помогнат за унапредување и усовршување на начинот на вршење на супервизија врз субјектите на осигурување во Р. Македонија.