Денес, во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на штедењето, а по повод распишаниот Конкурс за деца и млади од страна на Народната банка на Република Македонија и на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во просториите на Агенцијата беа доделени 12 рамноправни парични награди, од кои шест за ликовна творба на ученици од основното образование и шест за литературна творба на ученици од средното образование.
Наградите ги доделија гувернерот на Народната банка на Република Македонија, г. Димитар Богов, и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, г. Климе Попоски.
Освен наградените ученици, на настанот присуствуваа и учениците од основните и средни училишта коишто доставија литературни и ликовни творби на зададените теми: „И ЈАС УМЕАМ ДА ШТЕДАМ“, или „ШТО ЗНАЧИ ЗА МЕНЕ ОСИГУРУВАЊЕТО НА ДОМОТ И СЕМЕЈСТВОТО“.
Во завршницата на настанот, присутните имаа можност да ја разгледаат изложбата од литературните и ликовните творби.