“Светска недела на пари” е настан кој го одбележуваат голем број на земји во светот и истиот е повод на едно место да се сретнат и обединат младите и децата со единствена цел да се стекнат со знаење и основни поими од сферата на финасиите, финасиското работење и управувањето со ризиците. Од 2014 година и нашата земја се приклучи кон ова движење во чиишто рамки се одржуваат преку 2000 активности во кои се вклучени над 3 милиони деца и млади во повеќе од 120 земји и каде што работат 500 организации и институции. Оваа глобална иницијатива ја подигнува свеста кај младите преку учење за тоа како функционираат парите, вклучувајќи го штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година младите луѓе дискутираат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични манифестации чија основна цел е финансиска едукација и финансиска вклученост на младата популација, но исто така и на останатото население. Со ваквите активности се стимулираат младите луѓе да станат свесни за своите финансиски права, се насочуваат кон пристапност до финансиските услуги и производи и се развиваат нивните финансиски вештини.

На 9.3.2015 година, Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација во Република Македонија, во кое членуваат претставници на Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување, официјално го означи почетокот на „Светската недела на пари“ во 2015 година. Настанот беше организиран во просториите на СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ во Скопје, во соработка со директорот на училиштето, професорите и учениците од трета и четврта година.  Одбележувањето на официјалниот почеток на Глобалната недела на парите се одвиваше преку запознавање на учениците со работата на Координациското тело и активностите во полето на финансиската едукација кај секоја од институциите.

Со цел активно вклучување беше организиран квиз во кој учениците беа поделени во три тимови кои тие ги именуваа со финансиски поими. Тимовите одговараа на зададени прашања од областа на работењето на петте регулатори, членки на Координациското тело. Правилата на игра беа одредени од Координациското тело  со тоа што предност за одговарање на прашање имаше првопријавениот тим. На учениците за секој точен одговор им се доделуваше симболична награда. Им беа доделени награди во вид на репрезентативен материјал што на својствен начин ја одбележува Глобалната недела на пари.

Агенцијата за супервизија на осигурување како активен подржувач на движењето Светска  недела на пари, презентираше на тема осигурување, основни поими на осигурување и управување со ризици во осигурување. Исто така, Агенцијата во соработка со Министерството за образование и Националното биро за осигурување промовираше друштвена детска игра “Помалу ризик, повеќе забава” . Тоа е игра на табла и се базира на учесници со различни улоги. Во текот на играта, учесникот може да се пронајде во улога на дете, тинејџер, младо возрасно лице, родител, баба или дедо и сето тоа во зависност каква карта за играње ќе извлече во текот на играта.

Во текот на месец март Агенцијата активно ќе настапува со презентации во средните училишта но исто така, дополнително и во текот на годината ќе организира настапи во основни и средни училишта низ повеќе градови во земјата.

Галерија