Продолжува јакнењето на капацитетите на регулаторите на финансискиот пазар

(Народната Банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за

супервизија на осигурување и Агенцијата за супервизија на капиталното финансирано пензиско

осигурување) во полето на финансиската едукација и инклузија, преку соработка со еминентни

меѓународни финансиски институции.

Годинава започнува втората фаза на Проектот за финансиска писменост со ИНФЕ-ОЕЦД,

заедно со Министерството за финансии на Холандија и Money Wise платформата кој ќе трае во

следниот петгодишен период, односно од 2023-2027 година. Главниот приоритет на овој Проект е

да ги поддржи земјите кои се дел од истиот, да го подигнат нивото на финансиска писменост кај

населението преку поддршка и имплементација на стратегиите и политиките за финансиска

писменост, со обезбедување на анализи, извештаи и препораки за градење капацитети согласно

институционалните потреби и стратешките приоритети на земјите.

Со проектот, којшто се реализира со финансиска поддршка на холандското Министерство

за финансии, покрај нашата земја ќе бидат опфатени и земјите како: Босна и Херцеговина,

Бугарија, Грузија, Ерменија, Молдавија, Романија, Украина, Хрватска и Црна Гора. Преку

предвидените активности ќе се обезбеди можност за пристап до соодветна експертиза од

регионот и пошироко за релевантни и актуелни прашања од областа на финансиската писменост и

ќе се поттикне развој на поефикасни иницијативи за финансиска едукација и инклузија преку

користење на искуството од најдобрите меѓународни практики.

Инаку, ова е продолжение на првата фаза од проектот, која беше успешно реализирана во

текот на периодот од 2018-2022 година. Во рамки на првата фаза Координациското тело на

финансиските регулатори за финансиска едукација и финансиска инклузија, ја изработи првата

Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија за периодот од 2021-

2025.

Воедно, беа изработени Кодексот на добри практики за финансиска едукација и Основните

компетенции за финансиска едукација. Исто така, се формираше и Регистар на субјекти од

приватниот и граѓанскиот сектор, вклучени во областа на финансиска едукација и инклузија.

Во рамки на првата фаза, меѓу другото, од страна на ИНФЕ-ОЕЦД беше спроведено

мерење на финансиската писменост на населението, како и анкета за финансиската писменост и

дигитализација на микро, мали и средни претпријатија. Овие мерења дадоа показатели за

тековните состојби и воедно претставуваат водич за следни активности во оваа сфера, кои ќе

продолжат да се реализираат во следната фаза од проектот.