Успешно е реализирана тридневна работилница организирана од Агенцијата за супервизија на осигурување и Меѓународниот Балкански Универзитет, на тема „Важноста на осигурувањето – од теорија до регулаторна практика“.
Работилницата им овозможи на студентите подетално запознавање со улогата и значењето на осигурувањето во современото општество, како и со функционирањето на регулаторниот и супервизорски систем во областа на осигурувањето.
Преку интерактивни предавања, практични примери и дискусии со претставниците на АСО, студентите имаа можност да стекнат нови знаења за основните принципи на осигурувањето, улогата на регулаторот во обезбедување стабилен, сигурен и транспарентен пазар, како и за механизмите за надзор и заштита на интересите на осигурениците.
Посебно внимание беше посветено на темите поврзани со управувањето со ризици, препознавањето и проценката на ризиците, како и значењето на осигурувањето како инструмент за финансиска заштита на граѓаните и компаниите.
Во рамки на работилницата беа обработени и правата и обврските на осигурениците, вклучувајќи го значењето на информираноста при склучување договор за осигурување, навременото исполнување на договорните обврски, како и правото на фер третман, транспарентност и навремена исплата на штети.
Регулаторот изразува задоволство од успешната реализација на работилницата и од големиот интерес и активното учество на студентите. Ваквите иницијативи претставуваат значаен придонес кон унапредување на финансиската едукација и градење кадри подготвени за идните предизвици на пазарот на осигурување.


