Студенти и ученици во посета на АСО
Во рамки на активноста „Отворени денови“, АСО организираше две одделни едукативни сесии – една за студенти од Правниот факултет од Скопје и една за ученици од средното училиште САБА од Скопје. Преку интерактивна дискусија и размена на мислења, младите имаа можност да добијат информации за функционирањето на пазарот на осигурување, заштитата на потрошувачите и значењето на финансиската писменост.
Студентите како повозрасна група млади покажаа особен интерес за регулаторните процеси, заштитата на осигурениците и функционирањето на осигурителниот систем, додека средношколците се запознаа со основните осигурителни поими и значењето на финансиската писменост.
Посетите претставуваа добра можност младите да стекнат практични знаења за осигурувањето како механизам за заштита и да ја разберат улогата на АСО во обезбедување стабилен и транспарентен пазар на осигурување.

Со едукативна посета на основно училиште АСО успешно ја заврши кампањата- Мај, месец на финансиска писменост
Во рамки на активностите за одбележување на месецот на финансиската писменост, беше реализирана едукативна посета во основното училиште “Наум Охридски”Пештани, Охрид. Преку интерактивна презентација и дискусија, учениците се запознаа со основните поими на осигурувањето, неговото значење како механизам за заштита од ризици и придобивките што ги нуди за граѓаните и општеството. Посебен акцент беше ставен на улогата на АСО во обезбедувањето стабилен, сигурен и транспарентен пазар на осигурување, како и во заштитата на правата и интересите на осигурениците.
Оваа активност претставува завршен настан во рамките на месечната кампања за финансиска писменост, чија цел беше да придонесе кон подигнување на нивото на финансиската писменост со фокус на подигнување на осигурителната култура кај младите.

