По добиени реакции од осигуреници кои добиле известувањe од Евроинс Осигурување АД Скопје во врска со полиси за осигурување склучени со посредување на Осигурително брокерско друштво СН Осигурителен брокер АД Битола – во стечај, Агенцијата за супервизија на осигурување побара од Друштвото дополнителни појаснувања и даде насоки за правилно, точно и целосно информирање на осигурениците, со цел заштита на нивните интереси во согласност со важечките законски прописи.

Постапувајќи по укажувањата на Агенцијата, друштвото на својата интернет страница на ден 6.10.2026 година, објави Соопштение “ИЗВЕСТУВАЊЕ ДО ЈАВНОСТА ЗА ПОБАРУВАЊА ВО СТЕЧАЈНА ПОСТАПКА ОД СН ОСИГУРИТЕЛЕН БРОКЕР АД Битола – во стечај” .

Во Соопштението, Евроинс Осигурување АД Скопје изразува жалење доколку доставените дописи предизвикале недоразбирање или загриженост од страна на осигурениците во однос на целта и значењето на известувањата, ја појаснува целта на доставените дописи и нагласува дека известувањата не претставуваат барање за плаќање, опомена за плаќање или основ за преземање дејствија за присилна наплата кон осигурениците туку намената на доставените известувања е обезбедување на информации и докази за потребите на судска постапка што Друштвото ја води во врска со побарувања кои Друштвото ги има кон Осигурително брокерско друштво СН Осигурителен брокер АД Битола во стечај.

Агенцијата за супервизија на осигурување внимателно ја следи состојбата и во рамките на своите законски надлежности и презема соодветни активности заради заштита на правата и интересите на осигурениците.

Агенција за супервизија на осигурување