Осигурителните компании за неживот во првите девет месеци исплатија над 55.000 штети што е за 20 отсто повеќе од истиот период минатата година. Најголем раст на исплатите од 90 отсто има кај приватното здравствено осигурување, а кај осигурувањето имот вредноста на исплатените штети е 7,6 милиони евра или 22,6 отсто повеќе од лани.
Осигуреници наплатија 2,89 милијарди денари (47 мил.евра) штети од осигурителните компании за неживотно осигурување во првите девет месеци годинава. Вкупниот износ на исплатените штети за овој период е за 422 милиони денари (6,9 мил.евра) или 17 отсто повисок во однос на истиот период лани. Вкупно 11 компании за неживотно осигурување во овој период исплатиле 55.008 штети што е за 20 отсто повеќе од истиот период минатата година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Од штети на осигурен имот (најголема доброволна осигурителна класа) за овој период осигурениците наплатиле вкупно 469,6 милиони денари (7,6 мил.евра). Тоа е 22,6 отсто повеќе од истиот период минатата година. Оваа осигурителна класа во овој период има поголем релативен (процентуален) раст на исплати во споредба со задолжителното осигурување од автомобилска одговорност.
Горенаведените индикатори се уште една потврда за финансиското здравје на осигурителните компании, а неговото одржување е основната и најважната задача на АСО.
Физички лица од штети на осигурен имот во овој период наплатиле 198,4 милиони денари (3,23 мил.евра) што е за 11 отсто повеќе од лани. Правните лица, пред се компании, за штети на имотот од осигурителите наплатиле 271,2 милиони денари (4,4 мил.евра) или 33 отсто повеќе од истиот период во 2020 година.
Кај најбрзорастечката класа – приватното здравствено осигурување, компаниите за осигурување исплатиле 90 отсто повеќе средства во споредба со првите девет месеци лани. Осигурениците од нивните полиси за приватно здравствено осигурување наплатиле 143,6 милиони денари (2,33 мил.евра).
За осигурување од незгода (најбројна осигурителна класа со над половина милион склучени договори) до крај на септември осигуреници од пријавените штети наплатиле 333,2 милиони денари (5,4 мил.евра) односно 18 отсто повеќе пари од лани.
Од штети врз каско осигурани моторни возила во овој период осигурениците наплатиле 366,2 милиони денари (5,95 мил.евра) што е на исто ниво како и претходната година.
Кај законски задолжителното осигурување од автомобилска одговорност компаниите на осигуреници исплатиле 1,26 милијарди денари (20,54 мил.евра) заклучно со крајот на септември годинава. Тоа е за 19 отсто повеќе односно 203 милиони денари (3,3 мил.евра) повеќе од истиот период лани.
По основ на штети покриени со зелен картон осигурителните компании за првите девет месеци исплатиле 215 милиони денари (3,5 мил.евра) што е за 2 отсто помалку од истиот период лани.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.