Приватното здравствено осигурување и понатаму е најпопуларно доброволно осигурување со раст на продажбата од 63 отсто. Вложувањата во осигурување имот достигнаа 10 милиони евра за три месеци, а солидни растови има кај патничкото осигурување и кај каско осигурувањето на моторни возила
Вложувањата во неживотни осигурување достигнаа 3 милијарди денари (48,4 мил.евра) за првите три месеци годинава. Граѓани, фирми и институции во овој период вложија 19,5 отсто односно 7,9 милиони евра повеќе од истиот период во 2022 година. Во првото тромесечје годинава се склучени над 369.000 договори за осигурување што е за 20 отсто повеќе од истиот период лани, покажуваат официјалните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставија сите 11 компании за неживотно осигурување.
Од податоците кои се јавно достапни на https://aso.mk/category/publikaczii/izveshtai-za-rabotata-na-osiguritelnata-industri-a/drushtva-za-osiguruva-e/ евидентно е дека растат вложувањата во сите поголеми доброволни класи осигурување, а расте и вредноста на полисите за задолжителното осигурување од автомобилска одговорност.
Најпопуларна односно најбрзорастечка класа и во овој период е приватното (дополнително) здравствено осигурување. За првите три месеци годинава се склучени над 11.700 договори што е за 50 отсто повеќе од првиот квартал претходната година. Во приватно здравствено осигурување граѓаните за своите семејства и компании за своите вработени вложиле 367,5 милиони денари (6 милиони евра). Интересот за вложување во приватно здравствено осигурување пораснал за 62 отсто во споредба со првото тромесечје претходната година.
Најголемата доброволна класа – осигурувањето имот исто така бележи раст за 10,5 отсто. Вкупните вложувања на граѓани и правни лица за осигурување имот достигнале 612 милиони денари (10 мил.евра).Склучени се речиси 38.500 договори за осигурување имот и нивниот број е за 6 отсто поголем од истиот период лани.
Од другите доброволни класи вредно е да истакне дека има солиден раст на продажбата на полиси кај каско осигурувањето возила. Вкупната продажба на каско полиси достигна 272 милиони денари (4,4 мил.евра) и тоа е за 26 отсто или речиси 1 милион евра повеќе од истиот период лани.
Во првите три месеци годинава граѓаните патувале во странство значајно повеќе од истиот период лани. Продажбата на патничко осигурување во овој период пораснала за 45 отсто во споредба со лани и изнесува 44 милиони денари (713.000 евра). Биле продадени 64.000 полиси за патничко осигурување што е за 44 отсто повеќе од првиот квартал лани.
Најголемо учество во вкупната продажба на неживотни осигурување и годинава има осигурувањето од автомобилска одговорност кое е задолжително со закон. Осигурениците вложиле 1,18 милијарди денари (19,2 мил.евра) за три месеци и тоа е 13 отсто повеќе од истиот период во 2022 година.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.