Преку подобрување на финансиската писменост кај граѓаните се овозможува тие да носат поефективни одлуки за личните финансии, што пак влијае на економијата во целост – затоа е потребно уште од најмала возраст децата финансиски да се едуцираат. Ова беше истакнато на доделувањето на наградите по повод традиционалниот конкурс за ликовни и литературни творби по повод Светскиот ден на штедењето и Денот на осигурувањето, кој го распишаа Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Министерството за финансии и Народната банка.
На настанот кој се одржа во Министерството за финансии присуствуваа министерката за финансии, Нина Ангеловска, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Климе Попоски и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Климе Попоски, истакна дека раната финансиска едукација претставува клучен фактор за долгорочен развој и стабилност на финансискиот систем во една земја. Истражувањата во развиените земји покажуваат висок степен на корелација помеѓу финансиска едукација и писменост и благосостојбата на населението.
Попоски рече дека АСО како регулатор на пазарот на осигурување години наназад презема многубројни активности на полето на финансиската едукација меѓу кои и издавање корисни брошури и памфлети, друштвени игри за помладите од кои учат за ризиците и управувањето со нив, како и организирање редовни предавања во основните и средните училишта. До крајот на оваа година ќе биде промовиран интерактивен портал со цел граѓаните да се едуцираат и зајакне свесноста од опасностите од постоење на ризици и потребата за осигурување како инструмент за заштите од потенцијални финансиски загуби.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска посочи дека анализите покажуваат дека кај развиените економии финансиската писменост е два до трипати повисока во однос на финансиската писменост кај економиите во развој. Таа истакна дека во време на широка понуда на финансиски инструменти и услуги, граѓаните треба да бидат финансиски едуцирани за да можат да ги носат вистинските одлуки.
„Кај нас, последното мерење кое го направи агенцијата ГФК, покажа дека финансиската писменост на населението има многу простор да се подобрува преку финансиската едукација. Потребно е да се засили финансиската едукација и тоа за сите возрасти со цел – прво да ги ползуваат бенефитите, второ да се засилат механизмите за самозаштита кај самите потрошувачи, врз основа на личното знаење да прават вистинска проценка. Унапредувањето на финансиската писменост е важно за да можат кога зборуваме за кревање на фискална транспарентност, да можат тие податоци да ги разберат, со тоа да го формираат јавното мислење и да вршат и подобрување и притисок кон институциите, за сите заедно да се подобруваме – рече министерката Ангеловска.
„Во изминатиот период и ние како централна банка интензивно вложуваме во сферата на финансиската едукација, а од годинава и во поттикнувањето на финансиската инклузија. Имајќи предвид дека анкетните истражувања покажуваат релативно пониска писменост кај помладите, односно дека само 40% од младите на возраст од 18 до 24 години располагаат со минимум потребни финансиски познавања, голем дел од нашите активности се фокусирани на помладата популација“ – истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
Таа и соопшти дека активно се работи на првата наша Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто се очекува да биде донесена следната година. Во неа ќе бидат вградени сето стекнато искуство изминатите години, препораките на релевантните меѓународни институции и организации и најдобрите практики во оваа сфера.
Инаку, конкурсот за литературни и ликовни творби на ученици по повод Светскиот ден на штедењето и Денот на осигурувањето, веќе е традиционален. Годинава, на конкурсот се пријавија над 1000 ученици од основните и средните училишта од целата земја, додека наградени беа 18, а пофалени 32 ученици. Целта на конкурсот е преку креативно учење и изразување да се засилат знаењата на учениците во областа на штедењето и осигурувањето.