Финансиските регулатори ја зајакнуваат соработката во следењето на состојбите во финансискиот систем. И во околностите коишто ги наметнува корона-кризата, со максимална посветеност на секој регулатор во рамки на неговите надлежности, координирано ќе се одржува финансиската стабилност. Меморандумот го потпишаа претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Крсте Шајноски, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за финансии, Нина Ангеловска, претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Максуд Али и директорот на Фондот за осигурување депозити, Борче Хаџиев.
Меморандумот се склучува со цел преку поголема меѓусебна координираност на регулаторите на финансискиот систем навремено и ефикасно да се идентификуваат системските ризици и усогласено да се преземаат активности заради спречување и намалување на нивното влијание врз финансискиот систем. Со координирани активности, отпорноста на нашиот финансиски систем на шокови ќе биде дополнително зајакната и надлежните институции со уште поголема подготвеност ќе управуваат со предизвиците за системот.
Согласно одредбите на Меморандумот се унапредува улогата и се проширува составот на Комитетот за финансиска стабилност, по примерот на Европскиот одбор за системски ризици. Досега Комитетот го сочинуваа само претставници на Народната банка и на Министерството за финансии. Отсега, во работата на Комитетот учествуваат сите регулатори на финансискиот систем, а негов национален координатор е гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Во рамки на Комитетот ќе функционираат и два поткомитетa, како оперативни тела – Поткомитет за следење на системските ризици и предлагање макропрудентни мерки и Поткомитет за подготовка за управување со финансиска криза. Заради остварување на поставените цели, давање препораки и преземање соодветни активности, преку Комитетот координирано ќе се следат анализите за состојбите во финансискиот систем, како и регулативата којашто може да има влијание врз финансиската стабилност.