Организацијата на потрошувачите на Македонија, по повод 15 март – Светски ден на правата на потрошувачите, организираше онлајн работна средба на тема Поголема доверба кај потрошувачите на финансиските производи и услуги.
На средбата присуствуваа претставници од Агенцијата за супервизија на осигурување, Министерството за финансии, Министерството за економија, Народната Банка на Република Северна Македонија, Македонската Банкарска Асоцијација, како и претставници од друштвата за осигурување, осигурително брокерските друштва, банки и штедилници.
Согласно воспоставената соработка, на средбата беа претставени претстојните активности со Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), со Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) и Македонската Банкарска Асоцијација (МБА).
Областите на соработка се во доменот на поголема информираност на потрошувачите, фер пазарно однесување на финансиските институции и поголема заштита на правата на потрошувачите .
Исто така беа презентирани кредитни калкулатори, кои беа изработени од страна на ОПМ со цел да им помогнат на потрошувачите да донесат информиран избор при земање кредит, предвремено отплаќање на кредит или при одлучување дали да го искористат дозволеното пречекорување на трансакциска сметка или картичка.
Користење на калкулаторите овозможува компаративна анализа со цел потрошувачите да дојдат до најповолно решение, а притоа истите да не бидат комплицирани за употреба и тие треба да бидат дел од стратешката ориентираност кон поголема едукација на потрошувачите при користење на финансиски услуги.
На работната средба беа презентирани и две брошури со цел на потрошувачите да им помогнат во правилен избор на потрошувачки или хипотекарен кредит, како и анализата на правната рамка и институционалните форми за заштита на потрошувачите кај одредени финансиски услуги, со заклучоци и конкретни предлози за унапредување на односот кон потрошувачите корисници на финансиските услуги.
Овие активности на ОПМ се поддржани од страна на ЕУ преку Европската организација за заштита на потрошувачите – BEUC и проектот „Empowering financial services consumers and representing their interests“ (Унпредување на финансиските услуги наменети за потрошувачите и претставување на нивните интереси)