Во периодот од 29 април до 1 маj, во Охрид беше одржана 11-та конференција на Македонската берза. На овој настан присуствуваа голем број учесници, професионалци и експерти од финансиската индустрија од земјата и странство, при што преку дебатирање и панел дискусии се разменуваа мислења и се споделуваа искуства. Оваа Конференција беше исклучителна можност да се запознаат најновите трендови и мислења поврзани со финансискиот пазар и пазарот на хартии од вредност.
Низ организирани дебати се направи обид да се препознаат Македонските економски предизвици, Меѓународните и регионалните економски предизвици, да се дефинира местото и перспективите на друштвата за осигурување чија улога е од исклучителна важност за понатамошен развој на финансиките пазари.
На оваа Конференција учество зеде и Агенцијата за супервизија на осигурување како независен регулаторен орган надлежен за пазарот на осигурување во Република Македонија. Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата, г. Климе Попоски заедно со претставници од друштвата за осигурување, дадоа свој придонес во панелот посветен на осигурителниот бизнис и импликациите на македонскиот пазар на капитал.