Целта на Деновите на финансиската писменост е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголеми свесноста за заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.
На настанот, со инфо-пултови, учествуваа институциите од Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија – Агенцијата за супервизија на осигурување, Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност и МАПАС. Учествуваа и банки, друштва за осигурување, осигурително брокерски друштва, штедилници и други финансиски компании коишто ја поддржаа акцијата.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Климе Попоски, истакна дека АСО уште од самото формирање се залага за унапредување на финансиската писменост, организирање финансиски едукативни активности, подготовка на информативни брошури и интерактивни игри за децата преку кои ќе добијат повеќе знаење во областа на осигурувањето. Исто така, тој потенцираше дека АСО и во иднина ќе продолжи со реализација на бројни активности за натамошен развој и подигнување на финансиката писменост на населението и ќе иницира и поддржува идеи и проекти кои ќе придонесат за развој на пазарот на осигурување.
Активностите на институциите за Деновите на финансиската писменост се одвиваа во рамки на периодот од 28-31 мај. Во овие денови Агенцијата за супервизија на осигурување со свој информативен пулт беше присутна меѓу граѓаните и преку информативен разговор ги запознаваше со своите надлежности и нејзината улога на пазарот на осигурување.