Овој водич е наменет за пошироката јавност, со цел на едноставен начин да ѝ ги доближи основните концепти и поими од областа на управувањето со личните финансии. При неговата подготовка се настојуваше тој да биде разбирлив и за помладите генерации и за лицата коишто немаат формално економско образование, за да може преку него населението да се информира како е најсоодветно да се управува со финансиските средства за да се постигнат посакуваните цели. Поконкретно, во водичот е дадено објаснување за тоа како може мудро да се управува со парите, како да се подготват финансиските планови и да се следи нивното остварување, како да се биде претпазлив и да не се влегува во финансиска презадолженост, како внимателно да се користат средствата земени со кредит и кредитните картички и редовно да се отплаќаат обврските итн. Истовремено, во водичот е објаснета и улогата на банкарските производи и услуги, финансиските инвестиции, осигурувањето и пензионирањето. Опфатени се и основните финансиски инвестиции, а дадено е и објаснување за разликите меѓу банкарските депозити и вложувањата во хартии од вредност итн.
Оваа Публикација претставува прв сеопфатен пишан материјал за финансиска едукација во Република Македонија и истата е подготвена од страна на регулаторните институции – членки на Координациското тело за финансиска едукација. Се очекува дека овој водич ќе придонесе за поголема едуцираност на поединците и домаќинската во Република Македонија за управувањето со личните финансии.
Агенцијата за супервизија на осигурување и натаму со своето делување продолжува во истата насока на спроведување континуирани активности за развој на осигурутелниот пазар и за подигнување на свеста на јавноста за поголема финансиска едукација и инклузивност. Во рамки на своите јавни настапи, работилници, организирани посети, Агенцијата ќе го промовира Водичот за финансиска едукација.
Posted by unet
Соопштенија