Координациското тело, ја организира редовната работна средба на регулаторите, приватниот и граѓанскиот сектор за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија. На средбата, заради поголема популаризација и користење на медијацијата како алатка за решавање одреден спор, предавање на тема: „Медијацијата како алатка за ефикасно и економично решавање на споровите, вклучително и во областа на финансиите“ одржа Јелисавета Георгиева-Јовевска, претседателка на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Стопанската комора.
Целта на предавањето е искуствата, пренесени на оваа презентација, да придонесат за поголема примена на медијацијата во доменот на финансиските услуги, како начин на поддршка на финансиската вклученост и заштитата на потрошувачите на финансиски производи и услуги.
Средбите коишто се одржуваат два пати во текот на годината овозможуваат редовен дијалог помеѓу финансиските регулатори, субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор вклучени во активностите за финансиска едукација. Размената на предлози и искуства за зајакнувањето на финансиската вклученост и заштитата на потрошувачите во финансискиот систем обезбедува успешно спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија.
Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија обезбедува координиран пристап на национално ниво и стратегиска рамка во која се препознава значењето на едукацијата, се овозможува вклученост и координираност на сите засегнати страни и се утврдува мапа на активности за ефективно постигнување на целите.