Глобална недела на пари, оваа година се одржува од 10 до 17 март, а учество ќе земат околу 2 милиони деца од над 100 земји во светот. Сите тие ќе се вклучат во активностите кои ќе бидат организирани од над 500 институции и организации. Нашата земја исто така, активно се вклучи во овој светски настан.
Глобалната недела на пари во Македонија е дел од активностите што Координациското тело за финансиска едукација во кое членуваат: Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија ги презема како дел од светската недела на пари, која пак е во организација на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади (Child and Youth finance international.)
Целта на оваа организација е да ги поттикне децата и младите да инвестираат во нивната иднина со тоа што ја потенцира важноста на раната финансиска едукација за да им помогне на децата да станат свесни за нивните финансиски права, да ја олесни пристапноста до финансиските услуги и да ги развие нивните финансиски вештини.
Агенцијата за супервизија на осигурување ги започна активностите во рамките на глобалната недела на пари одржувајќи презентација пред 60 ученици од средното стручно училиште Арсени Јовков во Скопје.