Предизвиците на АСО и состојбите на пазарот на осигурување во РСМ, беше тема на средбата што Агенцијата за супервизија на осигурување ја реализира со претставниците на осигурителната индустрија на 3 ноември, 2020 година.
На средбата, која поради здравствената криза и состојбата со Ковид-19, се организираше online, учествуваа членовите на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, генералните директори на друштвата за осигурување, осигурително брокерските друштва, друштвата за застапување во осигурување како и вработени во Агенцијата.
Претседателот на Совет на Експерти, г. Крсте Шајноски даде воведен збор и преку презентација се осврна на движењата во осигурителниот сектор инајновите показатели во периодот на 3 квартал, 2020 година. Исто така, се презентираа и отворено се дискутираа предизвиците со кои се соочува Агенцијата како и идните планови и очекувања во областа.
Претседателот на Советот на експерти на АСО, г. Крсте Шајноски, нагласи дека е подобрена финансиската состојба на друштвата за осигурување. Додаде дека конзервативните политики и регулативата за вреднување на техничките резерви и вложувањата на средствата коишто ги покриваат техничките резерви, како и високиот квалитет на инструментите коишто се вклучени во пресметката на капиталот на друштвата за осигурување се добра основа и гаранција за зачувување на солвентноста во работењето на друштвата.
Исто така, беше посочено дека Агенцијата за супервизија на осигурување со внимание го следи пазарот на осигурување и дека одржувањето на неговата стабилност е од особено значење за заштита на осигурениците и натамошен развој на финансискиот систем и економијата во целост.
Во завршницата на средбата беше истакнато дека Агенцијата за супервизија на осигурување во престојниот период ќе ги засили своите активности во различни сегменти на работењето на субјектите, додека ќе стави фокус на зајакнување на корпоративното управување во друштвата за осигурување, обезбедување поголема транспарентност во работењето на друштвата и зајакнување на довербата на јавноста во осигурителниот пазар.